Од загинатите 14 лица во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, две лица, односно сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство се истражува, односно дали тие биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, соопштија денеска од Јавното обвинителство.
Дополнително, оттаму велат дека од починатите, осум жртви се жени, а шест мажи, на возраст од 29 до 78 години.
„По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од COVID-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, се додава во соопштението.
Истовремено, од обвинителството додаваат дека презеле мерки за обезбедување на видео-снимки од клиничката болница, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбените згради, куќите, како и обезбедување на целокупниот објавен видео-материјал од поединци и од социјалните мрежи.
Снимките, како што додаваат, се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
„Донесени се наредби до ОКТИВ-Скопје за подигнување матријални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Во таа насока донесена е наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој беше присутен и на самото место во опожаренито објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот“, посочуваат од ЈОРМ.
Обвинителството ги сослушало дел од сведоците од местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната болница ноќта кога избувнал пожарот, а дополнително се сослушани и се сослушуваат и останати лица кои можат, како што велат, да дадат потребни известувања во врска со пожарот.
„Обвинителството издаде наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата. Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита“, истакнаа од ЈОРМ.
Од ЈОРМ додаваат дека во соработка и со Дирекцијата за заштита и спасување, полициски службеници од ОКТИВ при МВР Скопје, вешти лица од областа на електротехниката и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица ги преземаат сите неопходни мерки и активности, со цел да се спроведе итна истрага за да се утврдат причините за пожарот.