Платформата за едукација на деца и млади „Училница“, организира бесплатна, еднодневна работилница за кретивно пишување за деца од 9 до 14 години.
Работилницата ќе се одржи на 5 јуни, сабота, со почеток во 11 часот, пред просторијата на „Училница. На работилницата ќе се изведат неколку интерактивни вежби за креативно пишување, со цел поттикнување на досетливо изразување, иновативност и логичко размислување кај децата.
Часот ќе содржи три вежби – „Од збор до збор приказна“, „Како да создадеш книжевен лик со кој не би бил другар?“ и „Кој се плаши од поезија?“.
„Преку вежбите ќе научиме како да напишеме драматичен пресврт и како да ја направиме приказната непредвидлива, како да ја развивиеме креативноста и да ги тестирање на границите на имагинацијата преку создавање на книжевен лик. Преку игри со заеднички придонес ќе ја завршиме работилницата со интерактивна вежба за пишување поезија“, објаснуваат организаторите.
Работилницата ќе ја водат Ивана Смилевска и Марија Бошковска кои ја менторираат Училницата за креативно пишување, а воедно се дипломирани компаратистки на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
За да се пријавите на еднодневната работилница, потребно е да ја пополните онлајн апликацијата за учество. Истата можете да ја најдете на Фејсбук страната на Училница.
Настанот е од отворен карактер, но бројот на деца е ограничен, објаснуваат организаторите.
„Оваа работилница е вовед во целосната Училницата за креативно пишување, чија што програма можете да ја погледнете на следниов линк. Училница е платформа за едукација на деца и млади. Тука искуствено ги развиваме вештините за реализација на детските афинитети“, наведуваат од „Училница“.
На работилницата строго ќе се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 – носење маски, одржување физичко растојание и задолжителна дезинфекција.