Од продажбата на биоразградливи ќеси за само четири месеци се собрани над 44,7 милиони денари или над 720.000 евра, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП). Станува збор за периодот од 1 декември лани до крајот на март 2022 година, при што пресметките и уплатите на трговците од продажбата на пластични ќеси се вршат на секои три месеци и допрва ќе се објават податоците за вториот квартал.
Според проценките на нивното министерство, потрошувачката на ќеси во големите маркети во првите четири месеци е намалена за осум пати во споредба со периодот од пред декември 2021 година.
„Идеја и предлог на МЖСПП е со тие средства да се набават контејнери за селектирање на отпад за пластика и лименки и на тој начин средствата да се реинвестираат во животната средина и тоа пред сè како подршка на системот за селектирање на отпад во општините и за граѓаните. За таа цел МЖСПП ќе изработи Програма за инвестирање на средствата собрани по тој основ, која ќе биде доставена до Владата на РСМ на усвојување, по завршување на постапката за ребаланс на Буџетот“, објаснуваат од ова министерство.
Општините треба да информираат за локациите за собирање на селектираниот отпад
Покрај тоа што ќе се набават контејнери за селекција на отпад од продажбата на ќесите, во меѓувреме ќе се работи со општините кои треба да склучат договор со колективниот постапувач за да биде обезбедено собирањето на селектираниот отпад.
„За да се постават контејнерите, општините треба согласно договорите со колективните постапувачи со отпад да нè информираат за локациите од каде ќе биде обезбедено собирање на селектираниот отпад“, информираат од Министерството за животна средина.
Со обезбедениот финансиски фонд од продажбата, планирано е поставување на контејнери за селекција во сите општини, а распределбата ќе се прави според определена методологија и број на жители во општините.
Инаку, со усвоените измени на законите за управување со отпад што ги усвои македонскиот парламент лани, пластичните ќеси се забранија за употреба од 1 декември 2021 година. По продавниците, граѓаните можат да набават биоразградлива ќеса по цена од 15 денари или да одат на пазарување со платнена торба за повеќекратна употреба.
Алтернативно, дел од дуќаните во изминатиов овозможија бесплатно користење на биоразградливи ќеси без рачки или употреба на хартиени ќеси. Некои продавачи ги продаваат и хартиените ќеси, додека на скопските пазари може да се купи зеленчук и овошје во пластични ќеси, и покрај тоа што се забранети.
Нема средства од продажба на ќесите за оградување на арсенот во Лојане
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека собраните средства од продажбата на биоразградливи ќеси засега не е возможно да се искористат за поставување на ограда и информативни табли околу расфрланите купишта на арсен и други отпадни минерални суровини во Лојане, каде основното училиште се наоѓа на околу 100-тина метри од објектот каде учениците следат настава.
„Во меѓувреме немаме законско право да направиме нова програма, или прераспределба и употреба на парите додека ребалансот е во Собрание“, ја објаснуваат од МЖССП причината поради која овие средства не можат да се искористат во Лојане.
Да потсетиме, јаловиштето со околу 15.000 тони арсен сулфид е лоцирано во некогашниот рудник „Лојане“, а на дополнителна локација кај селото Табановце се складирани дополнителни количества од овој исклучително опасен отпад. Покрај тоа што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) побара решавање на проблемот со арсенот, на почетокот од годинава со инспекциски надзор се вклучи и Државниот инспекторат за техничка инспекција (ДИТИ).
Од ДИТИ најпрво утврдија неправилности и му наложија на дотогашниот концесионер – турската компанија „Калтун Мадденџилик“ да го огради просторот во Лојане, да постави информативни табли за опасност и да постави знаци на предупредување за опасност од користење на водата од јаловиштето.
Сепак, кон крајот на мај годинава од ДИТИ информираа дека компанијата не постапила по извршното и конечно решение на државниот инспектор, така што во моментов следи постапка за порамнување и спогодување со концесионерот, со која тој може да добие парична казна.
Мета.мк и Порталб.мк пишуваа за опасностите од расфрланиот арсен и други отпадни минерални суровини во Лојане и Табановце во декември минатата година. Во сиот изминат период, луѓето, животните и целокупната животна средина во Лојане и Табановце се соочуваат со последиците од расфрланиот арсен на двете локации и со осум изгубени години за справување со опасноста што непосредно им го загрозува здравјето. Иако беше избран да го експлоатира арсенот, концесионерот не ја исчисти локацијата од опасните минерални суровини.
Извор: Мета.мк