Од септември ќе има нов електронски дневник, летово наставниците ќе учат како да го користат

Во текот на летниот распуст, ИТ администратори од 30 основни и 26 средни училишта ќе бидат обучени како да го користат новиот електронски дневник, соопштија за Мета.мк од Министерството за образование и наука (МОН). Обуките ќе се реализираат додека траат годишните одмори и тие мора да ја “поминат” обуката, пишува Мета.

„Се организираат обуки за примена на новите софтверски решенија за ИТ одделението во МОН и во првата фаза, обука за ИТ администратори од 30 основни и 26 средни училишта, а во понатамошниот период и за сите други ИТ администратори од останатите училишта и тие ќе треба да ги обучат наставниците“, велат за Мета.мк во МОН.

Оттаму појаснуваат дека со поддршка од Европската Унија преку ИПА фондовите започнале процес на изработка на нов ЕМИС систем и нов електронски дневник.

„Тој процес е во напредна фаза, односно се прави тестирање на новите софтверски решенија од страна на МОН, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, како и од наставници од училишта. Во план е системите на есен да бидат пуштени во употреба, со што очекуваме да се надминат проблемите кои се детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години“, појаснуваат надлежните власти.

Електронскиот дневник беше најавен како нова привилегија во образовниот систем. Како новина беше воведен во 2013 година. Тогаш, во системот имаше околу 27.000 наставнички профили, како и околу 164.000 активни родители.

Мета.мк неодамна објави дека наставниците и годинава кинат нерви при внесувањето податоци во е-дневникот, оти не им се зачувуваа односно им се губеа податоците што ги внесуваат во системот.

Наставници реагираа дека им се појавува „Error 503 Service Unavailable“, внесуваа повеќе оценки, а системот им регистрираше само една, потоа, реагираа дека биле исфрлани од системот и повторно морале да се логираат.

Пишаните дневници се исфрлени од употреба, па електронските дневници се единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки, извештаи од реализирани екскурзии. Многумина од нив мораа да работат ноќе, оти тогаш е помалку оптоварен системот и може нормално да се внесуваат податоци во него.

Наставниците со години наназад мораа да водат двојна педагошка евиденција – сѐ што пишуваа во пишаниот, требаше да внесат и во е-дневникот. Тоа беше законска обврска. Се случуваше и системот воопшто да не функционира, оти имаше проблеми со изборот на фирма што ќе го одржува системот.

Мета