Во Националната опера и балет на 10 декември со почеток во 20 часот познатиот македонски тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт насловен „Од Скопје до Неапол“, во соработка со Јанинка Невчева, пијано.
Гости на концертот ќе бидат Биљана Јосифов, сопран и Владимир Саздовски, бас.
На програмата ќе бидат изведени едни од најубавите оперски арии, дуети и неаполитански песни од: Моцарт, Белини, Доницети, Бизе, Верди, Чајковски, Маскањи, Халеви, Чилеа, Тости и други.
Од НОБ напоменуваат дека настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19 или потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Задолжително е носење на заштитна маска.