Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) го прифати барањето за намалување на партиципацијата за студенти чие родителското право го врши само еден родител што до управата го достави подружницата на граѓанското здружение „Една може“, „Младите на Една може“.
Здружението вчера преку официјалните профили на социјалните мрежи информираше дека барање за објавување на интерен оглас за избор на студенти чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе се стекнаат со погодноста за плаќање половина од износот на уписнината за прв циклус студии за учебната 2022/2023 година во рамките на нивните универзитети било испратено до УКЛО на 30 август и до Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип на 1 септември годинава.
Денес оттаму соопштија дека барањето испратено во соработка со студентскиот Правобранител при УКЛО е одобрено, но истата одлука ќе почне да важи од наредната академска 2023/4 година.
Во однос на барањето испратено до Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип засега нема повратен одговор.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) досега беше единствениот државен универзитет кој го врати правото на студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина партиципација на факултетите, исто така, по реакција на Младите на „Една Може“.