По изгласувањето на Законот за либерализација на железничкиот сообраќај, веќе од почетокот на наредната година ќе се отворат вратите и за други компании од регионот, кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги. Ова вчера го најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.
Со ова, тој вели дека ќе се подобри конкурентноста, додавајќи дека придобивки би имале и граѓаните и компаниите.
Бочварски посочи дека Македонија е една од двете земји од регионот која сè уште нема либерализација, додавајќи дека сите држави кои вовеле либерализација, по неколку години го подигнале сообраќајот на повисоко ниво.
„Либерализацијата не значи продажба, либерализацијата значи отворање на пазарот за повеќе оператори да можат да оперираат по македонските железнички пруги“, појасни Бочварски.
Истовремено, тој истакна дека ниту граѓаните, ниту Владата не се задоволни од функционирањето на претпријатието.
„Години и децении наназад, претпријатието МЖ Транспорт работи тешко, во тешки услови, со финансиска поддршка од Владата, за да може да реализира одреден број на линии кои што ги има во нивниот оперативен план. Но, она кое што можам да го истакнам, јас ќе зборувам со бројки, а тоа е фактот дека до пред две години, Владата како субвенции за МЖ Транспорт исплаќаше 6 до 7 милиони евра годишно, за да реализира одреден број на линии за патничкиот сообраќај. Минатата година, финансиски помогнавме 15 милиони евра, а оваа година очекувам некаде поддршката да стигне до 25 милиони евра за ова претпријатие“, рече Бочварски.
Железничкиот сообраќај во изминатиов период е во фокусот на македонската јавност, особено откако беа укинати линии на релација Скопје-Битола. Сега, на оваа релација дневно сообраќа по еден воз од Битола, во 3:13 часот, и еден воз од Скопје во 14:20 часот, но и единствените поаѓања се нарушени.
Дополнително, нарушен е и сообраќајот на релација Скопје-Гевгелија, откако напукна бетонски столб на мост кај Црна Река, па така, сега во близина на Стоби, сообраќајот се комбинира со автобус.
Таму се испратени нуркачки екипи за да се утврди точната состојба на темелот кој е во многу лоша состојба, посочи Бочварски, и додаде дека таму ќе биде потребна поголема и потемелна санација, која ќе ја утврди проектантот и Градежниот факултет.
„Очекувам дека во наредните 60 дена ќе се изврши санација, а доколку има можност и реализација на комплетно нов мост, кој што ќе биде траен, за да не ни се случуваат пукнатини, практично во една од главните транзитни точки, на Коридорот 10. Токму поради тоа ги чекам анализите од страна на експертите и стручните лица, за Владата потоа, секако Министерството и Јавното претпријатие, да донесеме заедничка одлука во кој правец ќе одиме, која реконструкција ќе ја започнеме за да се операционализра овој проект и да се врати сообраќајот во нормала и во движење“, рече Бочварски.
Мартин Колоски