Од следната учебна година, предвидено е новата концепција за основно образование да се спроведе во прво и четврто одделение, додека наредната година, по неа да учат и учениците од шесто одделение, ова денеска го посочи професорката Виолета Петроска – Бешка на јавната расправа по нацрт-концепцијата во Собранието.
Етапно потоа, концепцијата ќе „влезе“ и во образовниот процес на седмооделенците, година потоа таа ќе „стигне“ до учениците во осмо одделение, па потоа и до учениците од деветто одделение.
„Кога зборуваме за влез во различни учебни години, зборуваме за етапен развој на наставни програми. Не се очекува наставните програми да бидат сега, оваа година, до почнување на новата учебна година, развиени за целото основно образование, туку, само за оние каде што ќе се обезбеди влез во основното образование. Тоа значи да имаме готови (програми н.з.) за прво и четврто одделение кога ќе треба да влеземе сега во септември во училиште“, истакна Петроска – Бешка.
Паралелно со развивањето на наставните програми и развивање на нови учебници и наставни материјали треба да следи интензивна обука на наставниците. Како што најави Петроска – Бешка, овојпат наместо еднодневна информативна средба со наставници, ќе се работи на интензивно развивање на вештините на наставникот, паралелно со соодветно опремување на училиштата.
Во однос на интеграцијата на дисциплините, за кои се почесто се зборува во јавноста, професорката порача дека тие сметаат дека таа е неопходна поради интердисциплинарниот пристап кој го нуди интеграцијата. Вака, додаде, се овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните програми со реалноста.
„Имајќи предвид дека во реалноста нема строга поделба на ниту една дисцплина. Учениците она што го гледаат и го доживуваат околу себе е поврзаност помеѓу сите, дисциплини, од природни науки или од општествено-хуманистички подрачја“, додаде таа.
Па така, од прво до трето одделение предметот ќе се преименува во „Општество“, додека од четврто одделение па натаму, тој ќе се нарекува „Историја и општество“, рече професорката.
„Терминот ‘Природни науки’ останува да си биде ‘Природни науки’ како што е сега, од прво одделение, па до крај на завршување на основното образование. ‘Историја и општество’ од четврто до деветто се клучни и природни науки од четврто до деветто одделение. За да може тоа да се реализира потребно е кога ќе се работат наставните програми да се води сметка за интегрирани резултати од учењето, да се води сметка дека стандардите за оценување ќе бидат по секоја одделна дисциплина која го сочинува интегрираниот предмет“, рече Петроска – Бешка.
„Во наставната програма треба да се поврзат и синхронизираат содржините и активностите од секоја дисциплина за да може да се постигне очекуваниот резултат од учење, тоа следи да го прават комисиите што ги развиваат наставните програми по секој предмет посебно“, додаде таа.
Уметничкото образование пак, професорката рече дека нема да се интегрира на ист принцип како што се интегрираат природни и општествени науки.
„Работната група многу долго дискутираше околу тоа дали треба да повеќе биде акцент на овие предмети во изборните предмети како што првично се замислуваше или да остане некој дел во задолжителните предмети и сега последната одлука е, и последниот предлог е од прво до деветто одделение ќе се реализираат двата предмети во двете полугодија со по еден час неделно“, додаде таа.
Истовремено, професорката, меѓудругото, посочи и дека албанскиот јазик влегува како изборен предмет од шесто до деветто одделение и дека кога еднаш ќе се избере предметот, тој ќе мора континуирано да се слуша.
„Спаѓа во редефинираната категорија, категоријата сега се вика друг јазик, и сите оние кои што не учат на наставен албански јазик, имаат можност да избираат помеѓу албанскиот како втор официјален јазик во земјата и да учат или албански или да учат втор странски јазик, втор го викаме затоа што прв е англискиот кој сите го учиме“, рече Петроска – Бешка.
Министерката за образование и наука Мила Царовска на јавната расправа истакна дека заедничкиот заклучок од целиот процес на дебати е дека реформите во образованието се нужни, како и дека овој процес не смее да запре.
„Нужни се затоа што се во интерес на сите деца во државата. Процесот не смее да запре, затоа што секоја учебна година, секој ден во кој нашите деца учат од неквалитетни учебници, следејќи несоодветна наставна програма нанесуваат огромни последици на младите генерации. И за тоа имаме непобитни факти како што се резултатите од домашните и меѓународните тестирања и анализи”, рече Царовска.
Таа посочи дека треба да се отфрлат сомнежите дека реформата нема да успее, дека нема капацитет за спроведување или дека е избрзана.
„Ве уверувам дека МОН и Бирото за развој на образование многу сериозно пристапија на целиот овој процес и со сигурност подготвени ќе влеземе во имплементација на реформата. Веднаш по донесувањето на концепцијата наставниот кадар ќе помине соодветна обука за новиот модел на настава. Наставниците и директорите на училиштата нема да бидат оставени сами. Ние сме ваша сила, поткрепа и поддршка затоа што сакаме сето ова да успее. Имаме и доволно капацитет и доволно време. Ни треба само силна волја и храброст да се придвижиме“, нагласи министерката за образование и наука“, рече таа.
Претседателот на Владата Зоран Заев рече дека во овој процес, сите тргнуваат од амбицијата со реформата да се осовремни образованието со нов модел на настава, за кој вели дека е инспириран од веќе постоечките образовни системо ви Европа и во светот.
„Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобирте европски и светски искиуства, на пат сме да создадеме наш македонски пат на модел на основното образование. Во тој процес на создавање на најдобар национален модел, мораме да ги имаме предвид инклузивноста, еднаквоста, родовата рамноправност, мултикултурализмот и некои други прашања кои се сегмент на нашиот автентичен концепт ‘Едно општество за сите’“, рече Заев.
Според него, се доцни со реформата во образованието.
„Тие веројатно требаше да се случат најмалку пред 10-тина години затоа што како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери кои бараат образование кое ќе биде во чекор со овие брзи, динамични и прогресивни промени. Сепак, кога велам доцниме истовремено велам и дека нема да избрзаме“, додаде тој.
Новата Концепција за основно образование првично и беше презентирана на јавноста при крајот на декември минатата година. По ова, следеа и реакции од повеќе институти и студентски организации кои изразија негодување со предложената нацрт-концепција, а беше организирана и герила акција на Кампусот на УКИМ.
М.К.