Токсичниот воздух што ги полни болниците и придонесува за еден од девет смртни случаи кај новогоденчињатa, а притоа секоја зима му гарантира место на Скопје во трката за најзагаден светски град, денеска повторно беше причина за еко-активистите заедно го стотици граѓани да ги посетат и потсетат институциите што е нивната улога, но и одговорност за решавање на ваквата алармантна состојба.
Протестниот марш, исто како и минатиот пат, стартуваше од Министерството за животна средина. Ова е институција што за 2025 година повторно доби мал буџет за конкретни мерки против аерозагадувањето, што веќе наиде на низа критики од граѓанскиот сектор.
Горјан Јовановски, еко-активист и независен советник на Зелен Хуман Град, на стартот рече дека протестот е обид да се мрднеме од мртва точка, за на крајот сите да не станеме мртва точка.
„Тука сме откако ги однесовме барањата од претходниот протест кај надлежните институции, но за жал немаме добиено одговор, освен од Собранието каде ни рекоа: ‘Одете да ги однесете во архива’. Овој протест е конструктивен и не е против некој, туку е за сите нас. Барањата се конкретни, јавни, од граѓани и организации, може да се видат на Фејсбук, блогот МојГрад… Идејата е дека сакаме да дишеме чист воздух, нешто што е наше уставно загарантирано право“, рече Јовановски.
На пладневниот марш на ЗХГ им се приклучија повеќе еко-иницијативи и организации како „О2 Иницијатива“, Независни за Карпош, Шанса за Центар, „Гоу Грин“, Скопје Смог Аларм, Зелените од Гази Баба, НаТочак… Се приклучија и граѓани од повеќе генерации. Некои го имаа собрано цело семејство или друштво, други имаа дојдено со своите точаци, трети со своите кучиња.
View this post on Instagram
Постојано се слушаа свирчиња и свирежи. Се слушаа и извици „Сакаме да дишеме“, „Воздух, чист воздух“, но и „Дојдете со нас“, со цел ги поттикнат минувачите да се приклучат во марширањето и еколошката борба.
Насекаде имаше транспаренти од типот „Од смогот не се гледа иднината“, „У ПМ честички“, „Филтри за фабрики не за Инстаграм“, „Буџетот е магичното стапче за аерозагадувањето“, „Прости ми сине што не можам да ти обезбедам здрав и чист воздух во земјата во која те родив!“…
Меѓувремено, мегафонот се движеше од рака на рака.
„Стотици јавни објекти се загреваат на нафта и мазут и со тоа не’ загадуваат. Вилата на премиерот е на нафта. Вилата на претседателката е на нафта. Клиниката за белодробни заболувања на децата е на нафта. За неа се користат 65.000 литри нафта за греење од сезона“, рече еко-активистот Јане Димески додека толпата извикуваше „Уааа“ движејќи се по улиците.
Граѓаните поминаа по мостот „Слобода“, покрај Вардар, ГТЦ, по коловозот на „Филип Втори Македонски“ до Собранието. Овој пат, не застанаа кај законодавниот дом, туку по блокираните „Димитрие Чуповски“, „Даме Груев“ и „Илинден“ се упатија накај Владата, а потоа и кон паркот до бараките на Град Скопје.
Пред оваа институција, како што рече Горјан Јовановски, им било соопштено дека биле лицемерни и не смееле да протестираат.
„Не можам да разберам како институции кои се тука да работат за нас, сакаат да кажат дека нашето право за чист воздух е лицемерие и немаме право да кажеме дека се гушиме во скопскиот загаден воздух?! Периодов читам и коментари: ‘Од која партија сте’, ‘Кој ве плаќа’, ‘Со која скриена агенда одите?’. Луѓе, аман! Јас имам една агенда, а тоа се вика чист воздух!“, рече тој.
Креаторот на платформата МојВоздух наброја и неколку загадувачи за кои рече дека го трујат Скопје, но и цела Македонија. Прво, ја спомена индустријата, потенцирајќи дека за неа не постои 24-часовен мониторинг.
„На телевизија кога ќе кажат ‘Не е до индустријата’, можеме да прашате ‘Од каде знаете дека не е до индустријата?’. Немаме мерења! Втората категорија е загревањето. Имаме огромен број институции што се’ уште се загреваат на мазут и нафта. Лудило е дека нашите болници се загреваат на она што нас не’ труе и не’ враќа пак во нив, како неповторлив циклус што не запира. Третата категорија е автоцентричноста на нашите градови. Не можеме да живееме во убав град ако ги приоритизираме автомобилите при неговото урбанизирање и проектирање. Сите овие улици се наменети за коли, а не за нас (пешаци, точаци н.з.). Кога ќе имаме функционален јавен превоз, функционална велосипедска мрежа, тогаш скопјани ќе можат да се движат слободно, а не да бидеме заробени во своите автомобили и гужвите. Четвртата категорија е отпадот. Скопје и сите градови се гушиме од неконтролирано генерирање на нашиот отпад. Јавните депонии, но и дивите, вклучувајќи го Вардариште, продолжуваат да не’ трујат ден и ноќ“, рече Јовановски, а притоа ја додаде и „неконтролираната и луда урбанизација на градовите“ како причина за проблемот.
Од Зелен Хуман Град се обрати и Игор Раиден. Тој потсети дека веќе помина четврт век, дојде 2024-та, а се’ уште се бориме за нешто основно.
„Ова е бизарно! Во последните години и особено последните месеци, многу од нас кашлаат повеќе од кога било. Еден од нив сум јас. Нормално, тоа во мене буди гнев и желба за подобро. Буди страв за сопствениот живот. Секоја година 5.000 наши сограѓани ги губат животите поради туѓа неодговорност! Меѓу нив и огромен број деца. Безобазлук е, срамота е да се седи во фотелја или пред тастатура и да не се бара живот и здравје. Сите се гушиме, нашите сограѓани умираат. Ова не смее да продолжи. Доста е!“, кажа Раиден.
По него и сите присутни возвратија во еден глас: „Доста е!“.
Пред бараките на Град Скопје пред новинарите се обрати Јане Димески од иницијативата Шанса за Центар. Според него, штетите од сегашната состојба наголемо ги надминуваат сите инвестиции против аерозагадувањето. Само за Скопје, рече тој, проценките велат дека економската загуба од 2,5 ПМ честичките изнесува над 200 милиони евра.
„Тука е пресметана економската штета што ја трпи општеството и нашата заедница поради смртните случаи само од овие честички. Затоа, ако водите било каква политика, политика на наталитет, на економски раст, на намалување на иселување и слично, овој проблем со загадувањето треба да биде едно од централните прашања“, нагласи Димески.
Инаку, досега здружените еколошки иницијативи и организации побараа од Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините. Исто така, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Понатаму, меѓу другото, бараат и целосна забрана за увоз на отпад во Македонија освен отпадно железо и челик, намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили, забрана на увоз на стари возила, итна набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје, измени во законите за градење, за урбано зеленило и за енергетска ефикасност…
По протестот, еко-активистите најавија дека се можни уште вакви слични протести и акции, доколку институциите продолжат да бидат глуви на нивните барања.
Текст: Бојан Шашевски
Фото: Мартин Колоски и Бојан Шашевски
Видео: Мартин Колоски