Од среда (22 април) се воведува забрана за движење на граѓаните на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и слично), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети или продавници, одлучи Владата на Северна Македонија на вчерашната седница.
„Се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции. Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.
Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките“, соопштија од Владата.
Дополнително, како што соопштија владините служби, од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини. Исклучок од оваа забрана ќе има организираниот превоз на компаниите за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените во МВР, одбрана, армијата и противпожарните единици.
„Владата го задолжи Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (со фотографска документација од местото каде граѓанинот е затекнат), како и висината на истите, кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, мерките и препораки на Владата на Република Северна Македонија кои се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица (за групирање над 5 лица да се смета за кривично дело и да има кривична одговорност) и за непочитување на минимум потребното растојание од два метри и неносење на заштитна опрема“, додаваат од Владата.
На владината седница е донесен и заклучок на сите вработени во државната администрација да им се препорача да ја инсталираат мобилната апликација „Стоп корона!“, додека оваа постапка да им се укаже и на вработените во локалната самоуправа и приватниот сектор. Истовремено матични лекари ќе бидат задолжени на своите пациенти да препорачаат инсталирање на апликацијата. Додека Секторот за односи со јавност на Владата е задолжен да започне со засилена и унифицирана медиумска кампања за сите донесени одлуки, мерки и препораки на Владата на Република Северна Македонија во врска со коронавирусот КОВИД-19.
Меѓу другите владини одлуки од вчерашната седница биле и изработување протокол за исплата на пензии, како и обезбедување средства во износ од 492 милиони денари за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од коронавирусот, преку Развојната банка на Северна Македонија. Дополнително донесена е и Уредбата со законска сила за формирање на фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД -19.