Откако вчера студентските собранија упатија реакции по повод законските измени за субвенционираниот студентски оброк, од Универзитетското собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), најавија нови предлози за понеделничката средба во Министерството за образование и наука, каде ќе се одржи работна средба со цел промена на текстот на новиот предлог-закон за студентски оброк.
На 14 ноември, во 16 и 30 часот во просториите на МОН ќе биде одржана работната средба, а од УСС УКИМ велат дека ќе претстават и дополнителни барања, односно, во однос на примањата да бидат предвид земени само примањата на студентите, но не и на семејството и сите студенти независно од положени испити и освоени кредити да имаат право да користат студентски оброк.
Претходно, од УСС УКИМ истакнаа дека ќе побараат сите корисници на стипендии да продолжат да бидат корисници на студентскиот оброк, сите кои се апсолвенти да продолжат да го користат оброкот, како и корисници на ССО да бидат сите оние кои во потесното семејство немаат повисоки примања од две просечни плати.
По реакциите на студентските претставници, се огласи и пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија (ЛДП), која е партијата предлагач на Законот.
Зајкова истакна дека се повлекува Законот за студентски оброк кој предизвикал реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите.
„Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија во понеделник (14ти ноември) во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме по однос на овој дел од законот, сè со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што впрочем и беше првата намена“, напиша пратеничката.
Вчера, претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Славчо Темелковски за Радио МОФ истакна дека со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на Субвенциониран студентски оброк (ССО), иако идејата на новиот предлог закон била пред сѐ, промена во условите и критериумите за тоа кој може да биде корисник на ССО.
„Целта на законот е да овозможи здрав оброк за секој студент и тоа е вистинската суштина на законот и ние како таков треба да целиме што е можно повеќе студенти да бидат корисници на ССО, но со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот и корисници на ССО да не смеат да бидат корисници на стипендија, апсолвенти и сите оние кои во фамилијата имаат членови кои имаат минимална плата“, посочи Темелковски.