Од утре (понеделник, 12 јули) македонските граѓани ќе може да се вакцинираат против Ковид-19 и без закажан термин. Истовремено ќе се одвива и имунизацијата на граѓаните кои се пријавиле преку веб-платформата vakcinacija.mk.
Од Министерството за здравство соопштија дека граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените, домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи. Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина.
„Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите од здравствените установи. Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, ќе има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот. За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот Мој Термин“, велат од Министерството за здравство.
Од утре исто така започнува и теренската вакцинација и на граѓаните ќе им биде овозможено да се вакцинираат и ревакцинираат на мобилните пунктови. Ќе биде дозволено и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, која во моментов е единствена дозволена да се користи за деца на оваа возраст. Родителите со своите деца може, по своја волја, да се појават директно на пунктовите за вакцинација, а во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување.
Здравствените власти апелираат до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација.