Од утре (28 октомври) почнува 15-то јубилејно издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло“ во организација на Детскиот културен центар.
Како што информираат оттаму, овој фестивал ги обединува љубителите на класична гитара, а во текот на изминатите 15 години прераснал во културен настан кој сведочи за присуството и појавата на сé поголем број светски познати уметници специјализирани за класична гитара.
Годинава, во рамки на „Тремоло“ ќе се одржат три концерти на кои ќе настапат домашни и странски познати гитаристи.
Првиот концерт ќе се одржи на 28 октомври во Музејот на македонската борба од 19 часот, каде ќе настапат најдобрите млади класични гитаристи, а следниот ден исто така од 19 часот во Националната филхармонија ќе настапат El Sonido De La Vida – Carlos Sancez од Шпанија. На 30 октомври исто така во Музејот на македонската борба ќе настапат Jimmy Liu (Shih-yu Liu) од Tајван и Cassie Martin од Франција.
Покрај трите концертни вечери, во текот на овој музички фестивал ќе се одржат и мастер часови и работилници од областа на класичната гитара и фламенко.
Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло” се одржува под покровителство на Град Скопје, а влезот е слободен.