„Ве информираме дека менаџментот на комплексот Македонско село донесе одлука за затворање на комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“, пишува на Фејсбук страницата на Македонско село.
Концесионер на „Македонско село“ е поранешниот градоначалник на Општина Центар и сопственик на „Квинс хотел“ и „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, за кој беше објавено дека треба да стопанисува со селото 20 години и да плаќа кирија од 3.500 евра.
Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), како надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на владата, сега ги повика претставниците на „Македонско село“ да информираат за ваквата одлука. Тврдат дека Владата на Република Македонија не била запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи.
„Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите ‘Тинекс’ и хотелот ‘Квинс’, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред. СОЗР денеска ќе ги покани претставниците на менаџментот на концесионерот утре на состанок да информираат за причините за нивната одлука. Од таа средба со менаџментот на концесионерот на ‘Македонско село’, и од разговорот за новонастанатата ситуација, СОЗР ќе постапи согласно одредбите регулирани со договорот за концесија“, соопштува СОЗР.
Бившата Влада за изградба на селото вложи 5,2 милиони евра, дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување, 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.