Од утре, во њујоршкото метро ќе биде овозможено вакцинирање против Ковид-19, и тоа само со една доза на вакцината „Џонсон и Џонсон“, изјави гувернерот на американската сојузна држава Њујорк Ендру Куомо, пренесува „Н1“.
Процесот на вакцинација ќе биде организиран во шест станици на метрото во Њујорк, како дел од пилот програма, а вакцинираните ќе добијат еднонеделна пропусница за патување во метрото.
„Ќе го видиме одзивот на граѓаните“, рече Куомо кој додаде дека властите размислуваат за начини за привлекување на граѓаните да примат вакцина против коронавирусот.
Инаку, досега околу 60% од населението на државата Њујорк примило барем една доза вакцина против Ковид-19.