Од утре започнува скрининг за коронавирус во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена, најави денеска на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести (КЗБ), Злате Мехмедовиќ.
Тој посочи дека се обезбедени тимови на здравствени работници кои ќе го спроведат скринингот и дека податоците ќе бидат доставени на анализа на Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се обезбеди статистичка обработка и да се добие реална слика како се пренесува вирусот во основните училишта.
„Знаете дека КЗБ донесе заклучок, внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди било какво зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени, да се направат скрининг тестирања во училиштата, со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците […] Во средните училишта таква состојба немаме, таму засега епидемиолошката состојба и согласно извештаите на ИЈЗ е стабилна. Меѓутоа загрижувачките бројки кои што ги добивме од основните училишта беа аларм да индицираме и да аплицираме еден ваков скрининг кој што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта“, рече Мехмедовиќ.
Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски појасни дека скринингот ќе се одвива во училиштата на учениците за кои нивните родители претходно добиле изјава за согласност дека се согласуваат нивните деца да бидат тестирани со брз тест.
„Нема потреба да ги носат во центрите за јавно здравје, како што првично планиравме. На овој начин сакаме да им олесниме достап до тестовите и тоа да биде со минимум компликации по нив“, рече Петличковски.
Инаку, во тек е скринингот за коронавирус ширум државата, а од Комисијата претходно посочија дека не ги откриваат точните локации за луѓето да не доаѓаат наменски да се тестираат, туку дека сакаат да ја видат реалната состојба од случајни минувачи.
Дополнително, оттаму изјавија дека очекуваат да ги имаат првичните податоци за Скопје веќе од почетокот на следната недела.