„Одас“ – образовна платформа која нуди бесплатни, кратки, анимирани лекции за средношколци

Пандемијата ги инспирирала Анисија и Сергио  да ја создадат образовната платформа во склоп на ученичката организација „Одас Едукација“. Платформата нуди анимирани, образовни, видео лекции, литературен оддел во кој детално се анализираат лектири, како и оддел за математика и јазици.

Анисија Угриновска, вели дека со изработката на платформата започнале во мај годинава, имајќи ги ум сите предизвици меѓу кои и работата на далечина.

„Мојот партнер, Сергио и јас сме многу активни луѓе, па одлучивме нашата енергија да ја насочиме кон создавање на нешто конструктивно и секако, корисно. Идејата за создавање на „ОДАС“ се роди преку една ноќ, но, како и за секоја иновација, така и за оваа, требаше многу време за да се изработи и пушти во употреба“, вели таа.

Работата на „ОДАС“ се базира на правење на анимирани образовни видеа, како и пишување на статии во математичките, јазичните и литературните оддели.

„Опсегот на предмети е голем, но дел од најбараните предмети се германски јазик, математика, природни науки, социјални и хуманистички науки, уметности, а во иднина планираме да додадеме и право, бизнис, медицина, музика… Се трудиме целиот материјал да го направиме едноставен и брз за совладување, па најголемиот дел од видеата не траат повеќе од 10 минути. Видеата се наоѓаат на нашата веб-страна и до нив се пристапува во само неколку клика“, објаснува Анисија.

Засега, на платформата работи тим од 10 членови и 10 волонтери од средно и основно образование од државните и приватните училишта на ниво на државата.

„Еден од првите членови кои ни се придружија беа Филип Најдовски, кој е одговорен за нашата веб-страна, Бернарда Малевска и Бисера Ѓуровска кои ги пишуваа текстовите за видеата, Ина Ѓорѓиева, Инес Негриеска и Дамјан Божиновски, кои се одговорни за изработката и монтажата на видеата, како и дигиталните илустрации. По некое време ни се приклучија и членовите кои ги водат математичките, јазичните и лиитературите оддели – Софија Тодороска, Анастасија Серафимовска и Тереза Китановска“, нагласува Анисија.

Таа додава дека на повикот за волонтери се јавиле голем број лица, па отсега платформата соработува и со Леона Јариќ, Корнелија Јосифова, Бисера Стојкоска, Андреј Блажевски и Влатко Стојкоски, Бисера Станоевска и Сашка Костовска.

И.С.