Факултетот за информатички комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола вчера одбележа 10 години постоење.
„Популарноста на информатичко комуникациските технологии како еден од современите предизвици на времето во кое живееме, секојдневно се потврдува во работата на Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола, единица на УКЛО, која одбележува 10 години постоење. Овие непобитни факти, беа во фокусот на јубилејниот настан на ФИКТ, чии студии со својот предзнак – студии за иднината, се атрактивни бидејќи побарувачката на информатички, стручен кадар е потреба за секоја сериозна, модерна и одговорна компанија“, соопштија од Универзитетот.
Деканот на Факултетот, проф. д-р Благој Ристевски потсети дека во изминатите 10 години ФИКТ беше организатор на хакатони, саеми на кариера, средношколски натпревари, меѓународни конференции.
Во овој период на ФИКТ, како што истакна Ристевски се запишаа и студираа над 1800 студенти, дипломираа, магистрираа и докторираа над 1200 студенти. Бројот на трудови објавени во референтни научни публикации индексирани во Scopus и Web of Science од автори од ФИКТ има растечка тенденција и процентуално од сите индексирани трудови на автори од УКЛО, изнесува над 2о проценти. Тој се осврна на динамика на промените во новото време кое за ФИКТ е предизвик кон нoви пристапи, потреба за постојано менување, адаптирање, надградување и усовршување.
Од име на УКЛО, ректорoт, проф. д-р Игор Неделковски нагласи дека иако е ова најмлад факултет, неговите корени се подлабоки, од пред дваесетина години со првата студиска програма по информатика на Техничкиот факултет и од ФАМИС, и во таа смисла, ФИКТ е повеќе од Факултет, тоа е еден од столбовите на економскиот развој на Битола и регионот, бидејќи информатичката индустрија во Битола е една од најразвиените во Македонија, а ФИКТ има на располагање кадри кои може да се вклучат во развојните деловни процеси веднаш по дипломирањето.
„Дека младите се повеќе знаат дека информатичките знаења не се само глобален тренд, дека тоа се знаења поврзани со иднината на секое општество, потврдува одржаната промоција на дипломирани инженери и магистри на ФИКТ“, се вели во објавата на Универзитетот.
Нивните успешни приказни и поединечно и воопштено говорат дека со стекнување диплома на ФИКТ младите луѓе веднаш го започнуваат и својот професионален пат. Воедно, со добрите финансиски бенефиции што ќе ги стекнат по вработувањето, дипломираните инженери и магистри стекнуваат самостојност, уште поголема сигурност и лична сатисфакција. Тие потсетуваат на идејата дека само преку најновите технологии може да се придонесе и за социјален и економски напредок во новиот дигитален свет“; додаваат од УКЛО.
Jубилејниот настан се одржа во амфитеатарот на Факултетот во присуство на раководството на УКЛО, декани и директори на единиците од Универзитетот, сенатори, академски кадри и вработени, на кои им се доделени пригодни јубилејни благодарници.
Фото: УКЛО Фејсбук