Централниот настан за одбележување на ретките болести ќе се одржи на гратскиот плоштад во Охрид, оваа сабота со почеток од 12 часот.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови.
Охрид и охриѓани целиот февруари го посветија на лицата со ретки болести, со цел да ја изразаат поддршката и да го свртат вниманието за постоењето на оваа група пациенти.
Под мотото „Многу сме! Силни сме! Горди сме!“ и со боење на дланките како симболика за 5% од пациентите со ретки болести за кои има лек, но и со многу креативни творби, медицинските работници, училиштата, градинките, спортските клубови и поединците ги преплавија социјалните мрежи.
Организаторите Гордана Лолеска, активистка од „Живот со предизвици“ и Стефан Каневче, професорот во охридското училиште ОСУ „Св. Климент Охридски“ ги повикуваат сите училишта и поединци да се придружат на настанот и да ја покажат својата реткост, хуманост и сплотеност.