Утре ќе биде објавен новиот оглас за сместување во студентските домови. Во првиот откриено е дека 45 отсто од апликациите при првото пријавување имале неточни податоци и биле одбиени. Станува збор за податоците за семејните примања кои не се совпаднале со оние од Управата за јавни приходи.
„Со елиминација на тие 45 отсто, ќе има слободни места и ќе има нова тура поднесување апликации и документи. И тие што излажале ќе имаат можност пак да конкурираат, но само доколку ги исполнуваат условите. Првпат во историјата на Македонија не само што ќе нема недостиг на легла, туку ќе има слободни и затоа ќе има втор круг“, изјави премиерот Никола Груевски, а пренесе МИА.
Ова е направено во согласност со Законот за студентски стандард кој претрпе измени оваа недела. Со нив студентските легла во домовите ќе бидат распределувани по точно утврдени критериуми и категоризација на студентите. Следува разрешување од функцијата и високи парични казни за директорот на Студентскиот центар (од 7.500 до 15.000 евра) и за управителите на домовите (од 5.000 до 7.000 евра) ако допуштат прекршување на Законот.
Во случај и кога врз раководителите на домовите се врши притисок да сместуваат студенти, одговорните ќе бидат разрешени и казнети.
„Ќе се земе предвид кој им вршел притисок, тоа нема да остане така, бидејќи за тоа треба да има докази. Нивно е тие да имаат интегритет и да ги издржат сите можни притисоци од каде и да се и од каков вид на луѓе да доаѓаат. Тие треба да кажат: Јас не можам да работам против законот. Главната одговорност е кај тие што ја носат одлуката согласно со законот и затоа казната е за нив“, рече Груевски.
Првиот конурс за прием на студенти во државните студенстски домови МОН го објави на 15 јули и беа слободни 6.369 места. Сите детали, најавија од министерството за образование ќе бидат изнесени утре.