Хонг Конг го одби барањето за азил на групата која го смести американскиот свиркач Едвард Сноуден додека беше во бегство, изјавија нивните адвокати.
Барателите на азил, по потекло од Шри Ланка и Филипините, беа домаќини на Сноуден две недели, откако побегна од САД кога протекоа илјадници документи кои тој ги предаде на новинарите на Гардијан.
Нивното барање е одбиено бидејќи нивните земји се сметаат за безбедни, рече еден од адвокатите, додавајќи дека чекорот е „неразумен“.
Групата, која исто така бара азил и во Канада, има 14 дена да приложи жалба.
Барателите на азил се еден пар – родители на две деца од Шри Ланка, маж од Шри Ланка и Филипинка која има ќерка. Со Едвард Сноуден се запознале преку нивниот адвокат, Роберт Тибо.
Нивниот идентитет беше јавно откриен кратко после објавувањето на филмот на Оливер Стоун, посветен на приказната на Сноуден.
„Сега имаме помалку од две недели да поднесеме жалба, пред семејствата да бидат депортирани“, вели Тибо.
Во Хонг Конг има околу 10.000 баратели на азил. Но, територијата признала само 72 лица како бегалци во периодот меѓу 2009 година и декември 2016.
Повеќето од нив поминуваат многу години во чекање на одлука од владата, која не е потписник на Конвенцијата за бегалци на ОН.