Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес“, соопштија од Владата.
Министерството за животна средина и просторно планирање пред неколку дена го објави ажурираниот предлог за зонирање на делот од Шар Планина кој се предвидува да се претвори во национален парк. Ажурираното зонирање било доставено како Анекс на Студијата за валоризација, а според овој предлог идната Зона на строга заштита ќе биде 16.651 хектари, односно скоро 27% од вкупната површина на паркот. Таа е поделена на пет одделни единици – Љуботен, Бистрица, Кобилица, Лешница и Маздрача.
Она што на прв поглед може да се забележи споредувајќи го првичниот и ажурираниот предлог на зонирање е дека зоната на строга заштита значително е намалена во новиот предлог. Во првичниот предлог, во Студијата за валоризација, оваа Зона зафаќаше 32,2% од вкупната површина на идниот национален парк, а во ажурираната верзија 26,55%.
„Пријателите на Шара“: Историски исчекор во прогласување на Шар Планина за национален парк