Денеска се одржа петтиот регионален саем за наука „Науката и Јас“ во основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје во организација на „Македонија2025“ и „Џонсон Мети“. На настанот се претставија четири наставници-ментори со тимови од над 30 ученици, кои демонстрираа експерименти и проектни задачи од областа на природните науки (биологија, географија, хемија и физика) пред над 500-тина врсници од училиштето домаќин и училиштата во општината.
„Целта на саемот е да ги поттикне учениците да се заинтересираат за науката и да ги презентираат своите научни проекти пред пошироката јавност“, велат организаторите.
Проектот ‘Науката и Јас’ има значително влијание врз унапредувањето на образованието по природни науки во нашата земја, смета Никица Мојсоска Блажевски, извршната директорка на „Македонија 2025“. Минатата година тие обучиле 23 наставници од 20 основни училишта низ Македонија, кои со својата работа директно влијаеле на околу 1100 ученици од шесто одделение.
„Учениците, преку практични проекти и експерименти, развија нова љубов и интерес кон науката. Организиравме четири регионални саеми во Скопје, Велес, Делчево и Струга, каде учениците имаа можност да ги презентираат своите проекти и да разменат идеи со врсниците. Во учебната 2024/2025 година, целиме кон проширување на опфатот на проектот со организирање професионална обука за повеќе од 100 наставници ментори од областа на природни науки и одделенска настава, како и организирање повеќе регионални научни саеми во дополнителни региони“, истакна таа.
Боријан Борозанов, Оперативниот директор за Европа од Џонсон Мети нагласи дека науката игра клучна улога во обликувањето на иднината и дека компанијата е посветена на поддршка на образовни иницијативи и промовирање на одржливост и иновации.
“Нашата компанија верува дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината“, рече тој.
Саемите се насочени кон унапредување на образованието по природни науки, овозможувајќи активно учество на учениците во практични проекти и експерименти, кои, како што истакнуваат организаторите, ќе го разбудат нивниот интерес за науката.
„Посебна благодарност до волонтерите на ‘Џонсон Мети’, чие учество беше клучно за успехот на настанот. Тие ја отелотворуваат посветеноста на компанијата за волонтеризам и корпоративна општествена одговорност. Енергијата и ентузијазмот што ги покажаа учениците и нивните наставници на Саемот за наука се доказ за трансформативното влијание на нашите напори, но и дополнителна мотивација да вложуваме во образованието“, додаваат оттаму.