Проекцијата на документарниот филм „Фатени во мрежа“ на Вит Клусак и Барбора Чалупова беше повод за дебатата „Расплеткување на мрежата – Наспроти сексуалното вознемирување и насилство во интернет просторот“, која се одржа во Парк МКЦ на 23 август, а беше пренесувана и онлајн преку „Фејсбук“ страницата на Македокс.
Филмот одблиску и брутално нè соочува со насилството и злоупотребата кои им се закануваат на малолетничките во интернет-просторот.
Говорнички на дебатата беа Бојана Даневска, средношколка и едукаторка во „Хера Млади“, Калиа Димитрова, главна уредничка на „Медуза“, Ана Попризова, психотерапевтка и училишен психолог, и Мери Цветковска, програмска координаторка на проект за сеопфатно сексуално образование и млади.
Модераторката Кристина Леловац, актерка и ко-основачка на фестивалот „Прво, па женско“, во најавата нагласи дека дебатата има за цел да го деконструира онлајн предаторството во нашиот локален контекст, но и да потсети дека воведувањето на сеопфатното сексуално образование е клучно во справувањето со секое родово-базирано насилство. Самиот филм е направен како вид на социјално истражување на тематиката за сексуалното вознемирување и онлајн-предаторството.
Едукаторката во ХЕРА Млади, Бојана Даневска, на дебатата искажа лични искуства со сексуално вознемирување преку интернет, односно добивање пораки во инбокс од постари мажи или објавување нејзини фотографии од непознати профили на фејсбук. Таквите пораки биле мотивација да се ангажира во спречување на таквите практики преку нејзината работа во ХЕРА Млади. Таа објасни дека најчесто се работи со жртвата, но не и со предаторот, кој на некој начин останува недопрен и неказнет за своите дејанија.
Калиа Димитрова од „Медуза“, низ примерите на случајот со групата „Јавна соба“ на интернет и со малтретирањето на девојка од Штип, посочи дека верува дека станува збор за децениска борба, која сѐ уште е на почетокот, бидејќи досега нема резултати.
„Има две перспективи, едната е за безбедноста на интернет-просторот, но некако се запоставуваше втората перспектива, односно фактот дека станува збор за родово-базирано насилство. Групата „Јавна соба“ сега е затворена, но нема казна за прекршителите и прашање на време е кога ќе биде отворена некоја друга таква група. Мислам дека во нашето општество треба отворено да се зборува за сексуалноста, а не да се смета за табу-тема“, истакна Димитрова.
Училишниот психолог и психотерапевт, Ана Попризова, објасни дека насилството само по себе се прелева во концентрични кругови, а не смееме да заборавиме дека тргнува од собата на една тинејџерка и преку интернет-просторот стигнува до предаторите, кои ја злоупотребуваат потребата за изразување на сопствената сексуалност.
„Ако се почне некаква комуникација, тогаш се отвора спиралата на насилник и жртва. Колку се помлади жртвите, толку помалку општеството може да даде поддршка. Традиционалниот модел на прикривање е исклучително присутен кај нас. Затоа мораме да работиме на темата и да зборуваме за тоа. Во ваквите случаи посебна категорија се родителите, кои прво треба да го прифатат постоењето на интернетот, а потоа да размислуваат во правец на отворање на темите за сексуалноста, а не на забрана на користење интернет и казнување на сопствените деца“, нагласи Попризова.
Мери Цветковска, како програмска координаторка на проект за сеопфатно сексуално образование на млади, истакна дека подготвиле истражување кое покажало дека и родителите и наставниците и младите потврдуваат дека сексуалното образование е неопходно во училишните програми.
„Веќе е изработен прирачник и пилот-програма која ќе биде спроведувана во четири училишта во деветтото одделение. Ситуацијата на теренот покажува дека во овој момент ниту наставниците ниту родителите се подготвени за имплементирање на наставата за сеопфатно сексуалното образование (ССО) во училиштата, и затоа е потребно да се подготви системско решение. Друг проблем што се појавува е социјалната нееднаквост, така што младите од различни социјални и етнички групи на различен начин го чувствуваат проблемот“, потенцираше Цветковска.
Филмот „Фатени во мрежа“ имаше проекција на 22 август во Парк МКЦ, а неговата школска верзија беше прикажана на 23 август во Кинотеката.
Дебатата и Чешката програма на МакеДокс се поддржани од Амбасада на Република Чешка во Скопје и Чешкиот културен центар во Софија.
Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19, односно преку задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан, мерење температура при влезот во фестивалските простори, одржување на растојание од 1,5-2 метри и дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.