Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија и со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, од 23-26 август оваа година за вторпат организираа летна школа за права на бегалци и миграција. Летната школа за 2021 година беше посветена на темата: бегалци, миграција и „новото нормално“
Летната школа претставува можност за студенти од сите три циклуси на студирање да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција.
„Програмата, која опфати 12 предавања и дополнителни попладневни сесии организирани во 4 дена, е осмислена да им помогне на студентите да размислуваат критички за прашања врзани за правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и универзитетски професори од областа на општествените науки, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата, но и пошироко“, велат од Центарот.
Оваа година летната школа се спроведе преку онлајн платформа за комуникација. Во текот на отворениот повик за летната школа аплицирале над 202 студенти од 56 земји од светот. На летната школа можност да присуствуваат добиле 88 апликанти од 35 држави.
„Целта на летната школа е двојна: Првата цел е да послужи како наставна алатка за ширење знаење кај младите, особено од целиот свет за прашањето за заштита на бегалците и миграцијата, но исто така и да биде алатка за подигање на свеста кај младите кое треба да го разгори нивното вмрежување и идната соработка посветени на таа заедничка мисија за заштита на бегалците. Ние би сакале оваа летна школа да стане традиционална бидејќи ова е втора школа по ред. Навистина сум среќен што можам да известам дека оваа година собравме голем број студенти од целиот свет, што е нешто што навистина мислиме дека е успех и горди сме на тоа особено во времето кога правниот факултет слави 70 години од своето постоење“, рече деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски.
Според Ирена Рајчиновска Пандева, раководителка на Центарот за право на бегалци при Правниот факултет „Јустинијан Први“, образованието е вистинското место за отворање и унапредување на дискурсот на оваа тема.
„Надвор од традиционалната улога на универзитетите да произведат и понудат знаење, тие можат и треба, исто така, да целат кон пошироко влијание преку подигање на свеста на своите студенти преку настава и други поврзани активности, бидејќи тие еден ден ќе бидат носители на одлуки, имплементатори на политики и лидери во општеството. Дополнително, размислувањето, расправата и подготовката за иднината се уште позначајни сега кога сите, но некои повеќе од другите, се соочуваат со здравствена криза или се наоѓаат во услови на неколкукратни кризи одеднаш. Ова беше мотивација за темата во 2021 година“, посочи таа.
„Предизвиците со кои се соочуваме во моментов и оние што претстојат во иднината се без преседан и бараат зајакнување на нашата посветеност и чувство на одговорност, продлабочување на нашето знаење, зајакнување на нашите вредности, зајакнување на соработката и храброст за преземање силно лидерство, за светот да стане подобро место за сите“, додаде Моника Сандри, претставничката на УНХЦР во земјава.