Организацијата за домување и станари (ОДС) организираше тркалезна маса на која се дискутираше за моменталната состојба на домувањето кај младите лица и за предизвиците со кои се соочуваат. На настанот, како што информираат од организацијата, презентирани биле резултатите од спроведените активности во склоп на проектот „Активни млади за соодветно домување”, поддржан од СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, пренесува Мета.
„Во последните шест месеци се реализираа обуки и работни средби со млади и разни засегнати страни на тема домување, и се изготви прирачник со насоки како младите може да бидат активни чинители и да се застапуваат за своите права до соодветно домување. Прирачникот може да се најде овде. Многу млади лица се свесни за состојбата и проблемите за нивниот пристап до соодветно домување и сакаат позитивни промени, акција и конкретни чекори за создавање на подобри услови за секој еден млад човек во државата“, наведено е во соопштението.
Младите, како шшшто се додава, се охрабрени за активно учество, но потребен е сопфатен пристап и ангажман на повеќе засегнати страни во државата, од младински организации, граѓански организации, локална и национална власт како и од политичките партии.
„Младите се повеќе и повеќе ја напуштаат државата. Креирањето на модели за пристап до соодветно домување и достојни услови за живот кои соодветствуваат на можностите на младите, би било ефективно решение кое го спречило или успорило иселувањето на младите. Кога младите би имале пристап до пристоен дом, тоа би го зголемило и економскиот придонес во државата, бидејќи младите би имале повеќе слобода и можност да работат на професионален развој отколку да плаќаат скапи кирии или да живеат со поголем број на цимери/цимерки или со родителите, каде нивниот индивидуален раст и развој е успорен“, се додава во соопштението од организацијата.