На овогодинешниот Скопски поетски фестивал, кој синоќа неофицијално стартуваше со „Отскочна даска“, гостува поетесата Одвеиг Кливе, авторка на единаесет стихозбирки.
Taa e и режисерка што ги спојува поезијата и филмот, а живее во Ставангер, на западниот брег на Норвешка.
Нејзините песни се преведени на неколку јазици, а две поетски книги и на македонски: „Да го освоиме синото“ во препев од англиски на Славица Ѓаџова Свидерска (Восток, 2017) и „Со други очи“ во препев од англиски на Јулијана Величковска (ПНВ Публикации, 2013).
Додека Кливе патуваше накај Македонија, Радио МОФ искористи можност да направи онлајн интервју со оваа поетеса, која зборува за своите почетоци, значењето на поезијата, искуствата во Македонија, но и за личните филмски перцепции.
Ајде малку да се запознаеме со вас. Кога почнавте да пишувате поезија, кога беше моментот кога рековте „ОВА е тоа што сакам да го правам“?
Не се сеќавам на еден конкретен момент. Станувањето поет беше процес кој траеше долго време. Започнав да пишувам поезија кога бев многу млада. Но, бев во триесетите години и имав три деца и работев како социјален работник, кога ја завршив мојата прва збирка поезија и таа беше прифатена од издавач.
Во едно интервју, рековте дека поезијата како пишување ви е начин да се формулираат, да се најдат зборовите за вашето постоење, но и севкупната заедничка егзистенција. Можеби пишувањето е разговор со самите себе, кој мора да се сподели со светот, за да може тоа да добие некаква валоризација и да инспирира луѓе?
Да, како уметничка форма, сметам дека поезијата е важен начин за изнаоѓање човечки експресии, за наоѓање нови начини да се рефлектираат човечките состојби.
Во март 2022 година, објавивте спонтана песна на вашата Фејсбук-страница во која ја осудивте инвазијата врз Украина. За неколку дена, беше споделена илјадници пати и преведена на 20 различни јазици, за потоа поемата да роди онлајн група која собра над 600 членови од целиот свет. Бевте ли изненадени од влијанието на вашето дело и, во исто време, колку е важно поетите да дадат глас за она што се случува во светот?
Како што велите, тоа беше спонтан акт. Ја напишав песната и ја објавив веднаш. Чувствував дека морам да го кажам тоа, таму и тогаш. И да, бев изненадена што песната толку брзо пронајде читатели, но исто така луѓе од целиот свет кои сакаа да ги преведат стиховите на својот јазик, бидејќи имаа потреба да го изразат тоа со свои зборови. Јас силно верувам во влијанието на поезијата, и како поет, сметам дека носам предизвик да се ангажирам и да го подигнам својот глас.
Вие сте поетеса, но и филмска режисерка. Имате напишано сценарија и режирано неколку кратки филмови селектирани на меѓународни фестивали, а на Скопскиот поетски фестивал ќе бидат прикажани неколку од нив и ќе одржите мастерклас за правење поетски филмови. Од каде произлегува оваа ваша врска – комбинација на поезијата со седмата уметност?
За мене, овие две уметнички форми се тесно поврзани. Мислам дека имам прилично визуелен начин на изразување. Во поезијата можам да користам метафори, во филмот сликите се главниот израз. Некои од моите кратки филмови воопшно немаат зборови. Често мислам дека ова е начинот за создавање поезија – без зборови. И не им требаат никаков превод…
Можеби денес подвижните слики се посилни од зборовите, со цел да се потенцира некаква состојба, случување, некаква емоција, тага, среќа…?
Можеби сте во право. На многу начини чувствувам како филмот стана уметност на нашето време, со која луѓето од целиот свет се поврзани, и ја сакаат оваа форма на човечки израз. Но, и покрај тоа, поезијата ја сметам за една од најважните уметнички форми.
Во меѓувреме, гаите љубов и кон преведување дела од други автори. Пример, дела од австралискиот поет Кит Келен, од иранската поетеса Фаруг Фарокзад, палестинската поетеса Фадва Тукан и од англиските поетеси Сара Мегваер и Герда Мајер на норвешки. Од каде потребата да се тргне во ваква преведувачка мисија…?
Кога преведувате други поети, треба да се обидете да бидете таа личност, темелно да се впуштите во неговата работа. Сметам дека преведувањето поезија е важен начин да се постигне поголемо разбирање во светот.
Не сте непознати за поетската заедница во Македонија. Две ваши дела се преведени на македонски јазик, а воедно настапувавте и на македонски поетски настани. Сигурно собравте искуства, пријатества, приказни… што е она што ви остана во сеќавање?
Во 2010 година учествував на Струшките вечери на поезијата, а потоа на Поетската ноќ во Велестово во 2013 година. И двата настани ми оставија многу добри спомени. Читањата крај реката во Струга, среќавањето поети од целиот свет, впечатливата организација, долгите традиции. Во Велестово учествувавме на мал и прекрасен фестивал во преубавото село. Поети од различни земји живееја заедно во старото училиште. Имавме време да се запознаеме и да бидеме пријатели. Во вечерите читавме надвор, до селската чешма. Сè беше толку радосно и инспирирачки. А домаќините на фестивалот беа грижливи и направија да се чувствуваме добредојдени. Овие два фестивали ме натераа да се заљубам во Македонија, затоа сум многу благодарна што сум прифатена назад.
Како искусна поетеса, како се соочувате со предизвикот постојано да се биде активен и притоа да се избегнува онаа носталгична стапица дека „порано беше подобро“, за да може да се придонесе во генерациската транзиција во поезијата?
Се разбира, ова е предизвик; во мојата земја сега доживуваме како поезијата добива помалку простор во јавноста. Но, со тоа, сметам дека уште поважно е да се пишува поезија и да се наоѓаат нови начини таа да биде споделена. Низ годините имав бројни поетски концерти заедно со музичари. Ова беше добар начин за споделување поезија со публика.
Што би им препорачале на младите поети, оние што пишуваат поезија, но ја чуваат за себе со аргумент дека таа „нема да биде сфатена“ или „нема да биде добра за јавноста“?
Кога објавувате поезија, никогаш не можете да го избегнете ова чувство на ранливост. Мислам дека ова е цената да се биде уметник. Но пак ќе кажам: бидете искрени и бидете храбри! Поезијата секогаш ќе биде пронајдена од некој.
Бојан Шашевски