Уникатниот Morrissey доаѓа во Скопје и ќе одржи концерт на 16 октомври во СРЦ Кале, официјално соопштија од Авалон продукција преку Фејсбук.
„Ова е навистина ретка можност во Скопје да настапи артист од таков уметничко – артистички профил како Morrissey, фронтменот на легендарните „The Smits“ со кои сними 4 култни албуми кои денес се вклучени во сите можни музички енциклопедии но и човекот кој со 10 албуми во својата соло кариера, секогаш е на врвот на сите музички топ листи“, најавуваат од продукцијата.
„World Peace Is None of Your Business” – последниот студиски албум на Morrissey, предизвика толку голем интерес во светски рамки што еден од највлијателните музички магазини “New Musical Express” објави специјален број посветен единствено за Morrissey, каде помеѓу другото го прогласи за артист кој има најдобра и најдостоинствена кариера од сите артисти кои предходно имале бенд.
Магазинот “Music Week”во неделата на објава на албумот, го смени своето име во “Morrissey Week”.
Концертот на овој музички великан ќе се случи на 16 Октомври во СРЦ Кале, сите детали околу влезниците ќе бидат дополнително објавени вечерва.
Од Авалон продукција информираат дека биле замолени да ја повлечат претходната најава за концертот која ја направија пред десет дена, заради тоа што се уште не биле потврдени сите концерти кои покрај скопскиот ќе бидат одржани во овој дел од Европа, а тоа се: Будимпешта, Букурешт и Љубљана.
Концертите се најавени и на официјалниот веб сајт на Morrissey.