Огревното дрво најголем загадувач

Надлежните без конкретни мерки за домаќинствата

  • Домаќинствата имаат најголемо влијание врз аерозагадувањето, покажуваат податоците на невладините организации и институциите. Огревното дрво и она што се гори во печките (дрво третирано со бои и лакови, иверки и сл.) е број еден загадувач на воздухот во зимските месеци.
  • За Куманово е потврдено – согорувањето биомаса има најголем удел во аерозагадувањето. Жителите се принудени да дишат токсични честички и гасови, како тешки метали, диоксини, фурани и други екстремно канцерогени соединенија. Слично, според невладиниот сектор, е и во главниот град Скопје.
  • За Крива Паланка нема податоци, бидејќи нема мерна станица, а речиси 80 проценти од домаќинствата се загреваат на дрво.

Во Куманово „тешко се дише“ во грејна сезона

Куманово беше една од петте општини, каде што лани се мониторираше квалитетот на воздухот. Резултатите од лабораторијата при штипскиот универзитет покажуваат дека „тешко се дише“, особено во декември и во јануари, се вели во групната сторија на Здружението на новинари на Македонија.

– Мириса чудно во попладневните часови, неподносливо, вели кумановка, која токму поради таа причина престанала да пешачи од ноември.

Професорката Афродита Зенделска од Факултетот за природни и технички науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип вели дека како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса.

– Сезонски има најголемо пропорционално учество од сите извори детектирани во Куманово. Во грејната сезона се користи огревно дрво за затоплување, покрај во домовите, во услужните, производните објекти за затоплување или производство на топлинска енергија за својот технолошки процес и може да учествува и со 60 отсто од вкупната маса на честички. И најверојатно е основна причина за епизодите на екстремно високо аерозагадување, вели професорката Зенделска.

Според Зенделска, во декември и во јануари, просечната концентрација на изворот изнесува 37,7 и 38,0 µg/m3, што значи дека во овие месеци, изворот ја надминува годишната гранична вредност од 25 µg/m3 за околу 50 отсто.

И мерната станица на Министерството за животна средина потврдува дека граничните вредности се зголемени со стартот на грејната сезона.

Од локалната самоуправа на Куманово велат дека имаат стратешки документи за намалување на аерозагадувањето.

– Имаме клучни мерки за намалување на аерозагадувањето, пошумување, гасификација, поставување фотоволтаици, воведување меѓуградски превоз, краткорочни, како аеросолизација. Очекуваме и други за кои граѓаните ќе одлучат на форумските сесии што веќе се почнати, изјави Александра Протиќ од Одделението за животна средина.

„Нема мерна станица, нема аерозагадување“

Крива Паланка нема лабораторија, ниту мерна станица за мониторинг на квалитетот на воздухот.

– Според неофицијални проценки, 80 отсто од домаќинствата во Крива Паланка и во околината, во грејната сезона се затоплуваат на дрва, но досега нема пријави за евентуално загадување од овој вид на греење, вели Зоран Павловски, инспектор за животна средина во локалната самоуправа.

Географската положба оди во прилог на здравјето на жителите, но се чини дека нивните домови не се баш безбедна зона кога станува збор за штетните материи.

Дом во Паланечко (автор на фотографијата: Христина Стојановска)

Мит е дека огревното дрво не загадува

Според професорката Зенделска, тоа што во минатото се грееле на дрва и немало толку големо аерозагадување е митсо носталгична, а понекогаш и друга лукративна заднина, кој е многу опасен за сите нас.

– Луѓето веруваат дека бидејќи дрвото е природен материјал, чадот од дрвото не може да биде толку штетен. Но, како што е случајот со многу други природни материјали, не значи дека нивното согорување или друга употреба е безбедна за здравјето, појаснува таа.

Според Зенделска, најмалку 28 загадувачки материи присутни во чадот од согорување на дрва, како на пример полиароматичните јагленоводороди (PAH) и цијанидните соединенија, се потврдени како токсични. Дури 14 од нив се дефинирани како канцерогени соединенија, а 4 се дефинирани како висококанцерогени.

Загадување во скопски Аеродром (автор на фотографијата: Маја Терзиова)

Невладините алармираат –  повеќе од половина од домаќинствата се греат на дрва

Од невладините организации велат дека во државава, најмногу 60 отсто од домаќинствата во земјава се греат на дрва.

Загревањето на домаќинствата во Скопје е најголемиот извор на загадување на воздухот, со најмалку 30 проценти од вкупните емисии на токсични честички. Истражувањето што го спроведе УНДП на примерок од 5.044 домаќинства покажува дека само 21 процент од домаќинствата се приклучени на системите за централно греење, додека дури 45 проценти од домаќинствата ги загреваат своите домови со огревно дрво.

Од „О2“ посочуваат дека за време на грејните денови, греењето на дрвни производи  има удел во аерозагадувањето за околу 60 проценти.

– Според истражувањето, за уделот на различни извори во загадувањето со ПМ 2,5 на лабораторијата „Амбикон“ при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 29.10.2020 година до 4.12.2021 година, во Карпош и во Ново Лисиче, за време на грејна сезона, кога загадувањето е најголемо, греењето на дрва и дрвни производи има најголем удел, од 30 до 60 проценти, во зависност од месецот, а во зимските месеци, кога е најладно, со околу 50-60 проценти, велат оттаму.

– Според последниот попис, во државава, од 598.632 домаќинства, 312.337 се изјасниле дека се греат на дрва, од кои 148.919 во урбаните средини, потенцираат од невладината организација.

И Горјан Јовановски, екоактивист од невладината „Зелен хуман град“ вели дека сè што гори има негативен ефект врз загадувањето на воздухот и додава дека околу половина од домаќинствата во државава се греат на дрва, посебно во пределите каде што нема парно греење. Во Скопје, околу 55.000 домаќинства се греат на дрва, вели тој.

Од „О2“ сметаат дека за дел од домаќинствата, соодветна мерка ќе биде субвенционирање топлински пумпи и инвертери, но, сепак, според нив, сиромашните граѓани ќе продолжат да се греат на дрва како најевтина опција за нив.

– За овие домаќинства, сите други алтернативни начини на греење ќе бидат прескапи. За нив, решение е субвенционирање филтри, велат од „О2“ иницијативата.

Затоплување на домаќинство во Кумановско (автор на фотографијата: Александра Максимовска)

Надлежните со мерки, но без конкретна надлежност

Од Министерството за животна средина велат деказа дел од општините има планови, во кои приоритетни се мерките за намалување на штетните емисии од домаќинствата. Тие се финансирани  од  буџетите на општините.

Чад од оџак поставен на куќа во Скопско (автор на фотографијата: Фатиме Фазљији)

Во однос на субвенциите, задолжено ќе биде Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Досега, Министерството за економија ја спроведуваше програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување енергетска ефикасност во домаќинствата преку спроведување мерки што се однесуваат на субвенции за купување печки на пелети, за купени и вградени сончеви термални колекторски системи, ПВЦ или алуминиумски прозорци и за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка.

Ваков тип мерки ќе се дефинираат и во националниот план за квалитетот на воздухот, кој ќе се подготви во 2025 година, со важност од пет години, додаваат од Министерството за животна средина. Од ова Министерство потврдуваат дека инспекциите без судски налог не можат да влезат во домовите и да проверат каков тип загревање користат домаќинствата, односно дека по пријава може да се направи проверка, но само со судски налог и полициска придружба.

За намалување на емисиите од домаќинствата се дефинираат мерки во плановите за квалитетот на воздухот на локално ниво, кои најчесто се однесуваат на подигнување на јавната свест, чистење оџаци и субвенционирање за замена на начинот на затоплување.

И од Државниот инспекторат за животна средина велат дека немаат надлежност за вршење инспекциски надзор.

– Мониторинг за греење на дрва не постои. Ниту една инспекциска служба нема право да врши надзор во домови, станови и куќи без судски налог. Единствено во дворните места, доколку визуелно е видливо дека некое лице собира отпад, тогаш инспекциска служба од општина може да врши надзор согласно Законот за управување со отпад, велат од ДИЖС.

Дом во Скопско (автор на фотографијата: Фатиме Фазљији)

Граѓаните бараат конкретни мерки

Здравјето на луѓето е нарушено од загадениот воздух, а тоа го потврдуваат и лекарите од кумановската болница. Ранливи се децата и хронично болните.

Специјалистката по интерна медицина, Нора Господинова-Николовска вели дека зголемен е бројот на пациентите што бараат помош за здравствените тегоби предизвикани од аерозагадувањето, отежнато дишење, тежина во градите и сува кашлица изразена во ноќните часови.

– Зависно од честичките, пациентите се жалат од хроничен ринит, воспаление на синусите, па сѐ до хронични алергии, ХОББ и астма, вели докторката Господинова-Николовска.

Граѓаните бараат централната власт да донесе национална стратегија и да обезбеди поголем буџет за решавање на проблемот со аерозагадувањето, а локалните власти доследно да ја почитуваат и да реализираат мерки.

Додека се чека надлежните да преземат мерки, многу е веројатно дека граѓаните ќе продолжат да дишат неквалитетен воздух. Според светските статистики, неколку македонски градови се во првите топ десет најзагадени во светот.

Автори на текстот: Александра Максимовска, Христина Стојановска, Маја Терзиова и Фатиме Фазљији

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Унапредување на еколошката правда во Северна Македонија“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е поддржан од Глобалната програма на УНДП за зајакнување на владеењето на правото, човековите права, правдата и безбедноста за одржлив мир и развој. Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП.