Во Македонија има драстични разлики кај процентот на неприходувана вода за пиење во водоводните системи, така што претстојниот заем од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) треба да се искористи паметно. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) покажуваат дека загубите на вода за пиење кај јавните комунални претпријатија се движи од 14 до фантастични 92 отсто од вкупното количество на произведена вода, објави агенцијата Мета.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе раководи со имплементацијата на новиот заем од Европската инвестициска банка во висина од 50 милиони евра, за подобрување на водоснабдителната инфраструктура во земјава. Овие средства државата ќе треба да ги распредели по избраните општини, а ќе се искористат за модернизација и изградба на инфраструктура за водоводна и отпадна вода, за дистрибутивни и колекторски мрежи, како и итни мерки за заштита од поплави.
Најновиот заем е втора фаза на проектот за подобрување на водоснабдувањето и за одведување на отпадните води, откако во првичната фаза во 2010 година беа обезбедени 50 милиони евра кои се распределуваа до општините преку Министерството за транспорт и врски. ЕИБ и тогаш беше заемодавач на средствата, но прашањето е колкава ефикасност од имплементацијата на проектот е постигната на крајот од првата фаза, во делот на намалувањето на загубите на вода за пиење.
Официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) покажуваат дека процентот на неприходувана вода низ годините се намалува, но на национално ниво сме далеку од прифатливиот процент на загуби на вода за Меѓународната асоцијација на води, кој изнесува под 30 отсто.
Во 2016 година, процентот на неприходувана вода за пиење во земјава бил 67,55 отсто, за да три години подоцна се намали на 64,64 отсто. Во 2021 година овој процент на национално ниво повторно се намалил и изнесувал 60,46 отсто, но и ваквите загуби на вода за пиење се повеќе од двојно поголеми од она што се смета за прифатлив процент на Меѓународната асоцијација за води.
За 2021 година, податоците на РКЕВУ покажуваат драстични разлики кај неприходуваната вода меѓу општините кои изнесуваат меѓу 14 и 92 отсто од вкупно произведената вода за пиење. И по региони, постои огромна дискрепанца во ваквиот процент. Во Североисточниот плански регион, процентот на неприходувана вода лани изнесувал 74,2 отсто, а веднаш по него се општините од Полошкиот регион каде 73,4 отсто од произведената вода за пиење е пресметана за загубена во самите водоводни системи.
Наспроти ова, локалните самоуправи од Пелагонискиот регион со 48,8 отсто и од Југоисточниот регион со 51,5 отсто имаат најмал процент на неприходувана вода на национално ниво.
Целиот текст на Мета може да го прочитате ТУКА.