Повеќе од 3.000 мигранти починале или исчезнале во обид да дојдат во Европа преку воден пат, се вели во новиот извештај на УНХЦР. Евроњуз пренесува дека бројот на смртни случаи, 3077, е двапати поголем од минатата година.
Од Обединетите нации бараат владите да создадат алтернативи на опасните морски тури, кои се употребувани од азилантите за доаѓање во Европа.
„Од оваа вкупна бројка, 1924 лица се водат како починати или исчезнати во централните и западните медитерански рути. Дополнително, 1153 лица исчезнале на рутата од севернозападна Африка до Канарските острови“, изјави Шабиа Манту, портпарол на УНХЦР.
До крајот на 2020 година, агенцијата за мигранти на Обединетите нации регистрирала 1544 смртни случаи кај мигранти на двете морски тури.
Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци, пандемијата од Ковид-19 и затворањето на границите влијаеле врз мигрантските движења, а многу бегалци и мигранти почнале да се обраќаат и кај шверцувачи за да стигнат до Европа.
Од УНХЦР додаваат дека најголем број на морски преминувања се случуваат во чамци на дување кои лесно можат да потонат или да исчезнат без трага во водата.
Централната медитеранска рута е една од најсмртоносните рути, каде се регистрирани над 17.000 смртни случаи и исчезнувања од 2014 година, според бројките на Интернационалната организација за миграција (ИОМ).