Со предлог-проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко Блато, Охрид SOS го одбележува Светскиот ден на блатните системи кој се слави на 2 февруари. се слави Светскиот ден на блатните екосистеми. Овогодинешната тема е „Блатните екосистеми за одржлива урбана иднина“, што повикува на препознавање на виталната улога што блатните екосистеми ја играат за урбаните средини.
Предлог-проектот изработен од членовите на Иницијативата минатата недела беше предаден на градоначалникот на Општина Охрид.
„Екосистемските услуги, едноставно кажано, се разбираат како економска добивка за општеството од процесите на екосистемите. Во случајот со Студенчишко Блато, тоа се функциите кои тоа ги врши како прочистувач на водите, заштитник од поплави, одржувач на биолошката разновидност, мрестилиште на риби, гнездилиште на птици, собирач на јаглероден диоксид, регулатор на микроклимата, место за рекреација итн. Големината на блатото ги одредува и неговата функција, квалитет и отпорност. Но, ако се изгубат, трошоците за надоместување на овие екосистемски услуги ќе бидат огромни и неподносливи за македонската економија, а некои нема воопшто да може да се надоместат. Сето тоа на најголема штета на Охридското Езеро како природно богатство и доминантен туристички ресурс за Македонија“, велат од иницијативата.
Со овој проект на Охрид ЅОЅ, локацијата на Студенчишкото Блато е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност на зачуваните екосистеми, за нераскинливата врска меѓу квалитетот на живот и здравата животна средина, но и како ново место за рекреација. За валоризација на Блатото како туристички производ, додаваат од иницијативата, проектот нуди изобилство на идеи за уредување на просторот без негова деградација. Така, Студенчишко Блато би се развило во туристичка атракција од нов вид, но и проширена со Билјанините извори и ранохристијанската базилика.
„ Затоа, на овој ден на блатните екосистеми, неопходно е да се потсетиме дека сите сме повикани и одговорни да преземеме чекори за зачувување, обнова и заштита на урбаните блатни системи. Единствен таков, на нашиот брег на Охридското Езеро, е Студенчишко Блато! Да му дозволиме да живее бидејќи со примена на современите технологии, атрактивни промотивни алатки и социјалните медиуми, како и интегрирање на Блатото во осмислено патување низ природата на охридско-преспанскиот регион, Студенчишко Блато може да одигра клучна улога во ребрендирање на Охрид како туристичко место свесно за својата вредност и одговорно кон својата иднина“, велат од Охрид SOS.