Охрид ме потсетува на Одеса, вели Вероника која за време на војната во Украина наоѓа прибежиште во Македонија

Вероника Золотухина е 35-годишна Украинка која со својот сопруг тргнала на 27 февруари 2022 година од Одеса во Македонија. Нејзиниот сопруг има бугарски пасош,  па бил организиран автобус за евакуација за Бугарија преку Молдавија и Романија. Тоа било единствената опција за нив, бидејќи во тоа време сите авиони биле откажани, а возовите и автобусите не сообраќале.

„Ги оставивме сите работи, зедовме само два куфери, патот беше многу тежок и долг, многу луѓе со мали деца престојуваа на границата со Молдавија. Откога пријателите на мојот сопруг не однесоа од Бугарија во Македонија со автомобил, стигнавме во Скопје на 1 март 2022 година“, вели Вероника.

Вероника има украинска диплома како преведувач на руско-украинско-англиски јазик. Нејзиното хоби е кројач, а тоа го работи и со скратено работно време. Пред војната живеела во Одеса со нејзиниот сопруг Македонец Стефан Ангеловски.

„Ја сакавме Одеса, планиравме да останеме таму. Кога започна војната, беше многу застрашувачко и стресно, на 24 февруари се разбудивме со експлозии. Баба ми и дедо ми беа во Мариупол каде што започнаа главните воени акции и беше гранатирано со бомби. Сфативме дека не е безбедно да се остане и можеме да умреме во секое време, па решивме да заминеме што е можно побрзо. Мојот сопруг предложи да дојдеме во неговата татковина и да останеме со неговото семејство во Скопје бидејќи никој не знаеше колку време ќе биде потребно да се остане на некое безбедно место“, вели Вероника.

Од протест против руската агресија врз Украниа во Скопје 2022, фото: Радио МОФ

На прашањето со што се соочиле во Македонија и дали успеале да пронајдат работа таа вели дека целиот периодот бил многу стресен и тежок за неа.

„Македонија беше нова земја за мене, не го знаев јазикот, имав нов живот, не знаев што да правам, што да очекувам. Многу сум благодарна на мојот сопруг кој многу ме поддржуваше, неговото семејство ме прифати многу топло и беше многу љубезно и пријателски настроено кон мене. Братучедот на мојот сопруг работеше во македонска компанија која произведува медиумски содржини за клиенти што зборуваат англиски и тие бараа работник што зборува руски јазик, особено во 2022 година за да известува за вести од украинската војна, па ме поканија на интервју, им се допаднав, им се допаднаа моите вештини и моето искуство и по пробен период бев ангажирана официјално и сè уште работам овде“, вели таа.

Но, вели дека за жал еден од најголемите и најстрашните проблеми во Македонија е бирократијата.

„Македонските власти воопшто не ми помогнаа и повеќе од тоа прават се за да ја напуштам оваа земја. Како прво, непријатно ме изненади што нема никаква програма за помош и никакви „бонуси“ за странците кои работат официјално во Македонија и плаќаат даноци. Секоја година морав да аплицирам за дозвола за престој и за ова морав да собирам еден тон документи и притоа да ги покријам сите трошоци сама. А и после аплицирање и уплата нема гаранција за ништо. Можете буквално да чекате со години. Најдов група на Фејсбук со луѓе од Украина, Русија, Белорусија, Молдавија итн кои се преселуваат во Македонија и споделуваме информации и новости за документи. Се шокирав кога неколку жени рекоа дека сè уште чекаат македонски пасош откако аплицирале пред 5 години. Со закон треба да има одговор од Владата во текот на 6 месеци. Ангажираа адвокати, но никој ништо не работеше и никому не му беше грижа“, вели Вероника и додава:

„Аплицирав за продолжување на мојата дозвола за престој во април 2024 година, обично ја даваат за еден месец, но до јули 2024 година немав ништо. Мојот сопруг и неговото семејство го посетуваа Секторот за странци секоја недела и прашуваа што е проблемот. Полицискиот инспектор рече дека документите ми се во ред, но поради новиот претседател и новата Влада сега ги проверуваат сите странци преку одредена македонска безбедносна агенција и никој не знае колку време ќе биде потребно. Мојот сопруг ја најде агенцијата, контактираше со нив и… Никој ништо не знаеше. Затоа поради оваа ситуација, бидејќи ми истече дозволата за престој, Агенцијата за вработување не ми дозволуваше да работам официјално во Македонија и мојата компанија мораше да ме отпушти бидејќи немав македонски документи и не се знаеше кога ќе ги имам. Тоа е многу демотивирачко и по овој став немам желба да останам и да работам овде“, посочува Вероника.

Вероника додава, дека сепак на 2 септември 2024 добила дозвола за престој, но после целото чекање таа нема желба да оди во работна агенција и повторно да собира еден тон документи за да се вработи во Македонија. Во мај 2025 дозволата повторно ќе и’ истече и како што вели е уморна да ги има истите авантури секоја година. Со сопругот планира да замине и да се пресели во Европа, бидејќи како што посочува македонската влада е „катастрофа“ за странци.

Посочува дека после две години војна, сфатила дека можеби таа никогаш нема да заврши и никогаш нема да се вратат во Украина, а Одеса никогаш нема да биде како пред војната.

„Многу ме боли и ми го крши срцето, но треба да продолжам понатаму, сигурна сум дека јас и мојот сопруг ќе најдеме ново место кое ќе го наречеме дом и ќе го сакаме исто како што ја сакаме Одеса. Сега Охрид ме потсетува на Одеса, особено кога седам на плажа, затворам очи, слушам птици и бранови, се чувствувам речиси како дома. Многу ми се допаѓа македонската природа. Македонија има многу вкусна храна и многу љубезни луѓе кои помагаат. Само се надевам дека македонската влада би можела подобро да работи особено за странците кои би сакале да се преселат овде и да го наречат ова место свој нов дом“, завршува Вероника.

Вероника со нејзиниот сопруг, фото: Вероника Золотухина

Дел од Украинците сепак имаат желба да останат во Македонија

Претседателот на здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“, Александар Урбанович вели дека околу 300 Украинци би сакале да живеат во Македонија.

Посочува дека во Македонија не се вработени многу од нив, бидејќи нивната дозвола за привремен престој не дозвоува вработување. Со најновата одлука на Владата, привремената заштита им е продолжена до 9 август 2025 година.

Како последица на вооружениот конфликт во Украина, почнувајќи од 23 февруари 2022 година, 532 лица од Украина го контактирале Црвениот крст и побарале помош, главно во главниот град Скопје и во поголемите градови како Битола, Прилеп, Охрид, Струмица.

„Повеќе од 80% од луѓето кои избегаа од конфликтот во Украина и пристигнаа во Македонија беа жени, вклучително и мајки со мали деца и лица над 65 години. Овие беа и најмаргинализираните групи, а повеќето од нив беа невработени и без стабилен приход. Поголемиот дел од лицата се сместени во приватно сместување (станови во сопственост на украински граѓани, роднини, семејства, станови понудени од жителите на Македонија) и изнајмуваат станови“, велат од Црвениот крст.

Од 1 март, во канцелариите на Црвениот крст во Скопје и во другите градови низ државата, секој работен ден се пријавуваат лица од Украина. За таа цел, изработен е прашалник за проценка кој е поврзан со картичка за регистрација што ја добиваат лицата кои побарале помош од Црвениот крст.

„Лицата, според проценките, добиваат хуманитарна помош од Црвен крст. Изработен е и систем за упатување до соодветни институции. Лицата од Украина најмногу бараат хуманитарна помош, поддршка при упатувањето на процесот на регистрација, простор за деца погодна за децата и помош за здравствена заштита“, посочуваат од Црвениот крст.

Според министерството за внатрешни работи вкупниот број на украински државјани кои во Македонија се со статус на привремен престој во државава, одобрен и продолжен, по хуманитарни причини изнесува 233 лица.

„Во МВР нема регистрирано било какви прекршоци сторени од украински државјани“, дополнуваат оттаму.

Состојбата во Украина алармантна, се трошат и последните ресурси

Додека бегалците во Македонија се обидуваат да го стават животот во колосек и во нивната татковина војната трае, во дел од Украина состојбата е се уште многу критична и руските напади го земаат својот данок. Земјата троши значителни ресурси за успех на бојното поле. Русија продолжува да ги гаѓа енергетските капацитети низ Украина, често оставајќи ги потрошувачите без струја и вода за пиење.

Бојан Стојковски е новинар кој го посети Киев минатиот месец. Тој заклучува дека животот таму тече нормално со оглед на околностите во кои се наоѓа овој град.

Киев, фото: Бојан Стојковски

„Преку ден, а и вечерно време, до полноќ, кога започнува полициски час, градот е полн со народ. Рестораните, баровите и кафулињата се преполни, па така за некого дури и би било чудно доколку му речете дека земјата е во војна, а затекне една ваква состојба.

Но додава дека дневните потсетувања се дека сепак има војна, па така неретко се слушаат тревоги за руски воздушни напади.

„И во тој случај Украинците не изгледаат премногу потресени, што веројатно е резултат на тоа што војната трае веќе две ипол години, и на некој начин животот сепак мора да се нормализира. Повременото снемување на струја и вода е исто така уште едно потсетување дека земјата се наоѓа во војна, но и за ова Украинците се подготвени така што насекаде има генератори за струја кои им помагаат во едни вакви ситуации“, посочува Стојковски.

На прашањето какво е расположението и генералното мислење кај Украинците во однос на војната укажува дека уште има оптимизам кај повеќето, но за жал се забележува и песимизмот кај многумина, поради тоа што војната трае веќе значително долго време, и не се надѕира никаков крај или пак некаква опција за постигнување на мир.

Киев, фото: Бојан Стојковски

„На долг рок ова секако и одговара на Русија, поради тоа очигледно има повеќе ресурси и е подготвена да истрае, додека пак Украина ги троши и последните ресурси и е зависна од странската помош, која пак знае и да доцни“, забележува Стојковски.

Посочува дека многу од Украинците се исплашени од новиот закон за регрутрација во земјата.

„Ова можев да го видам од повеќе тамошни пријатели. Некои од нив дури и одбегнуваат да се движат низ градот и претпочитаат да седат дома, со цел да ги избегнат оние пунктови каде што се врши регрутацијата.  Неколку од овие мои пријатели рекоа дека иако сакаат да се борат за својата земја, сметаат дека во оваа етапа од војната повеќе од сигурно е дека доколку отидат на фронт, од таму нема да се вратат живи. Од друга страна пак, оние доброволци што се на фронтот се веќе изморени и сакаат да се вратат во своите домови, што ја остава земјата во една прилично тешка положба“, потенцира Бојан.

За тоа колку побегнале, каде и дали планираат да се вратат вели дека најчесто  мажите бегаат во Романија или Словачка, преку реките и планините.

„Според она што го слушнав, повеќето од нив немаат план да се вратат во Украина, барем не додека трае војната“, завршува Стојковски.

Киев, фото: Бојан Стојковски

***

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Сирените за итна евакуација и голем број мртви тела по улиците,  се секојдневие повеќе од две години. Жителите се уморни, како и светот од последиците од војната во Европа додека повиците за прекин на огнот сè погласни.

Маја Терзиова

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на УНХЦР.