Од еко-иницијативата Охрид SOS реагираат дека продолжува узурпацијата на крајбрежјето на Охридското Езеро, објавувајќи неколку фотографии на кои се гледа како камиони истовараат градежен шут покрај патот помеѓу кампот Ливадишта и Струга.
„Додека Влада на Република Северна Македонија вчера одржуваше седница во Охрид, каде информации за состојбата во Охридскиот Регион требаше да дадат градоначалниците на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, на делницата помеѓу кампот Ливадишта и Струга, камиони депонираат директно на брегот, а градежни активности се изведуваат над патот. Иако на претставниците на Реактивната Мониторинг Мисија им укажавме на узурпацијата на крајбрежјето што се случува на потегот од Струга до Радожда, не е познато дали домаќините ги однесоа натака, со оглед дека минатиот пат, во 2017 година, не го сторија тоа, и за време на нивниот престој се случуваа слични градежни активности“, соопштија од Охрид SOS.
„Дали ова им го пренесоа Емонд Адеми, Рамиз Мерко, Министерство за животна средина и просторно планирање, Горан Сугарески, или го ставија во извештајот доставен до UNESCO, кој сè уште не е јавно објавен преку официјалните владини гласила, а го пренесе Нова ТВ пред неколку дена? Вака во име на јавниот интерес и на жителите на регионот работите? Со два аршини? Лицем светци, срцем волци? Што прават инспекторите, хибернираат зимава“, реагираат од иницијативата.