До утре Република Македонија треба да поднесе извештај за напредот во имплементацијата на препораките од здружената Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS. Ова е дел од процедурата кој државата треба да преземе како не би дозволила единственото УНЕСКО добро да се стави на Листата на Светско наследство во опасност што би можело да води до целосно бришење од листата на Светско наследство на УНЕСКО, велат oд иницијативата Охрид СОС.
Според предложениот распоред на Реактивната мониторинг мисија, заклучно со 1 февруари, велат активистите, се очекува да се постигне напредок на повеќе точки, меѓу кои и трајно отфрлање на планот за ски центар во НП Галичица.
Како второ, ја потенцираат потребата од трајно отфлање на секциите А и Е и суспендирање на останатите секции од планираниот експресен пат А3 низ НП Галичица.
„Трето, прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи (План за управување, Урбанистички/Мастер план за крајбрежјето врз основа на Исклучителната универзалната вредност (ИУВ) на доброто итн.), не се прифати соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола. Четврто изработка на темелна проценка за утврдување на заштитната зона на Светското наследство, што идеални би го вклучила и Преспанското Езеро.
Петто, иницирање на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС) за Планот за управување со охридскиот регион 2016-2025.
Шесто, при изработката на СОЖС, строго да се внимава на кумулативните влијанија од било какви инфраструктурни проекти (крајбрежни и урбани) врз ИУВ на доброто. Истата да биде поднесена до Центарот за светско наследство пред да се преземат било какви одлуки кои би биле непоправливи.
Седмо, стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти.
Осмо, ригорозна примена на законите како би се спречило секакво нелегално градење.
Деветто, вклучивање на локалната заедница и невладините организации кон вистински партиципативен приод кон управувањето со Светското наследство“, велат од Охрид СОС.
Имајќи ги во вид големите потенцијални последици за статусот на Светско наследство на Охрид и регионот доколку овие мерки не бидат преземени, како и во интерес на обезбедување јавен увид во владините политики, активистите потенцираат дека е неопходно граѓаните на Македонија да бидат информирани за случувањата со извештајот.
„Охрид ЅОЅ очекува целосно и транспаренто објавување на Извештајот и формално образложение за мерките кои се преземаат како на Охрид долгорочно би му се гарантирал статусот на Светско природно и културно наследство“, соопштува иницијативата.