Властите дозволуваат изградба на хотел на ридот Горица во Охрид, иако тоа е спротивно на Конвенцијата за светско наследство, алармира иницијативата Охрид СОС. Од таму посочуваат на извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО, според кој, градилиштето е наводно отворено без претходно известување до Центарот за светско наследство, како што налагаат правилата.
„Комитетот за светско наследство во јули 2024 јасно повика Македонија да ја запре изградбата во Горица сè додека не се направат детални проценки на влијанието врз животната средина и наследството“, велат од Охрид СОС.
Сепак, во последниот извештај до УНЕСКО, државата не спомнала никакви активности во однос на Горица, што според активистите покажува непочитување на преземените обврски.
„Или во превод: Државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство. Но, што е законот за шака моќници?! Така, ароганцијата на задолжените во владата на оваа ‘на ти го – дај ми го’ држава си го допуштила комодитетот да покажат среден прст на Центарот за светско наследство, експертските тела на IUCN и International Council on Monuments and Sites (ICOMOS) и Комитетот за светско наследство. Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро“, реагираат активистите.