Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ упатуваат реакција по вчерашната изјава на новиот охридски градоначалник Кирил Пецаков, кој изјави дека работи на враќање на концесиите на охридските плажи. Од здружението велат дека изјавата на градоначалникот е крајно неумесна и недолична за лице на така одговорна функција.
„Во неговата изјава гледаме еден крајно штетен однос кон Регионот исклучиво во служба на крупниот капитал, го гледаме истиот шаблон кој го донесе Регионот на раб на губење на статусот УНЕСКО. Се враќаме најмалку 6-7 години назад наместо да одиме напред“, нагласуваат од Охрид СОС.
Пецаков, синоќа најави дека Општината ќе спроведе активности за уредување на начинот на кој ќе се стопанисува со плажите на Охридското Езеро во иднина.
Охридскиот градоначалник изјави дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски каде што побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Пецаков побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.
„Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби, дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, туку градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 м со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите „дозволи“ кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби“, велат од Охрид СОС.
Оттаму дополнуваат дека враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема – договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните 3-4 години „кираџиите“ не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа, нагласувајќи дека постапката за издавање на државно земјиште под закуп е регулирана со закон.
„Би сакале да го упатиме Пецаков на Планот за управување со светското наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) и на постапката околу регулирање на крајбрежјето. Го потсетуваме дека тој како градоначалник е со закон обврзан да го спроведува Планот за управување. Моментално се работи Урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски“, велат од Охрид СОС.
Оттаму забележуваат дека додека не се усвои урбанистичкиот план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп. Од Здружението додаваат дека откако Урбанистичкиот план за крајбрежје ќе биде готов, општините ќе треба да усвојат и урбанистичка документација за плажи, а потоа сите урбанистичко-плански документи треба да добијат позитивно мислење од Комисијата за управување со Охридскиот Регион.
“Упатуваме јасна порака до новото раководство во Општина Охрид и до сите кои мислат дека може да профитираат и да уништуваат како порано – да немате илузии дека на плажите ќе никнат ист тип на градби како тие кои беа срушени! Причината за создавањето на Планот за управување и Урбанистичкиот план за крајбрежјето е да се воведе ред и да се постави систем за тоа што смее, а што не смее да постои во секоја зона“, се вели во реакцијата на иницијативата.
Синоќа, Министерството за транспорт и врски објави демант на објавениот текст „Охридските плажи не биле дивоградби, според новиот градоначалник, кој најавува дека повторно ќе се издаваат под концесија“.
Од Министерството информираа дека заедно со Владата, а преку Агенијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското езеро.
„Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности“, изјавија оттаму, дополнувајќи дека во планот целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на Охридското езеро.
Од Министерството истакнаа дека Пецаков е информиран за сите овие постапки од страна на координаторот на Државната комисија за заштита на охридското крајбрежје.
„Уште еднаш би сакале да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски и Владата ќе продолжат да ги водат постапките во насока на заштита на природното наследство на Охрид и Охридскиот регион како заштитено подрачје и нема да дозволиме преку ноќ да се уништат придобивките кои се градени минатите години, a со кои успеавме да го симнеме Охрид и охридското крајбрежје од листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО“, се вели во деманотот на Министерството.
Министерството упати апел новата локална самоуправа во општина Охрид да ги почитува започнатите постапки и планот за управување кој веќе е на сила, за заеднички да се работи на стратешкиот план за рехабилитација на регионот, се со цел да се заштити и природното и културно наследство.