Додека тимот од македонски и меѓународни експерти работи на Физибилити студијата за урбанистички план за подрачја и објекти од државно значење во заштитената крајбрежна зона на Охридскиот регион, некој е оставен да го уништува и узурпира крајбрежјето во Струга, реагираат од иницијативата Охрид СОС.
Тие преку социјалните мрежи објавуваат фотографии за кои велат дека се направени деновиве и ја прикажуваат девастацијата на државно земјиште, кое според Агенцијата за катастар е дел од КО Охридско Езеро.
„Веќе извесен период се уништува и тампонира појасот трска и друга флора на овој сегмент од крајбрежјето, присутна е механизација, според очевидците. Иако Општина Струга по неодамнешната средба со експертите сподели информација дека ‘најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од Самитот на УНЕСКО’, нештата на терен кажуваат сосема друго. Тие во соопштението споделија и дека ‘ова го потврдува и еден од членовите на мешовитиот експретски тим, кој меѓу другото, образложи дека Општина Струга, спрема УНЕСКО, ја одржува на највисоко ниво заштитата на животната средина, во делот од Струга’. Дали е ова највисоко ниво на заштита?“, прашуваат еко-активистите.
Охрид СОС информира и дека доставиле претставка до Државен инспекторат за животна средина и до соодветните општински инспекциски служби, веднаш да постапат и да се спречи понатамошното, како што велат, уништување на крајбрежјето, а против оние кои го сториле ова, да има санкции.
Фото: Охрид СОС