Каква што е востановената практика во Општина Охрид, ако те начекаат нелегално да градиш, и евентуално се руши малку за пред камери, откако ќе помине одреден период, и очите на јавноста се вперени на друга страна, работите продолжуваат. И повторно истата состојба, фотографии од пред неколку часа, на истата локација, „Градиште“, се вели во вчерашната реакција на Охрид СОС, кои објавија и фотографии.
Според активистите, не само што не се запира, туку и се фаворизира узурпирањето.
„Константин Георгиевски, градоначалник на Општина Охрид е само за в канцеларија, инаку нема никакви вистински ингеренции. Зошто во тој случај ги лажете меѓународните организации, заедно со Едмонд Адеми, Христијан Ѓоргиевски останатата свита, дека се прават значителни подобрувања, кога старите практики се живи и се применуваат успешно? За што служи Планот за управување со Охридскиот Регион, за да пополнува некоја полица или стои во фиока? Кога ќе започнат да се применуваат сите тие документи и акти?“, реагираат од Охрид СОС.
Инаку, на 17 мај активисти и јавноста реагираа на нелегален ѕид кај авто-кампот „Градиште“, по што, наредниот ден, охридскиот градоначалник објави дека тој се руши.
Градоначалникот тогаш соопшти дека градежен, комунален и инспектор за животна средина извршиле увид, по што било констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Според Георгиевски, општинските инспекциски служби уште на 24 март извршиле увид и составиле записник, па било донесено решението за „парапетчето“ на „Градиште“, според кое изведувачот имал законски рок сам да го отстрани.