Во текот на завчерашниот ден од Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување дрвја на подрачјето на Општина Охрид добивме одговор за сечата кај некогашното одморалиште на ПТТ. По барање на сопственикот на имотот, а со образложение дека заради својата висина и обем, и накривеност кон улицата, претставувале опасност, исечени се три стебла од кедар и едно стебло од бреза. Дури откако ќе се достави барање за слободен пристап до информации, се добива одговор, наместо практиката да биде обратна – пред да се сечи да се извести јавноста преку соопштение која е намерата. Вака, луѓето реагираа до нас, прашувајќи зошто се исекле толку децениски стебла, реагира иницијативата Охрид SOS.
Сопственикот е задолжен, велат еко-активистите, според Законот за урбано зеленило да изврши компензација, но додека новите стебла ја достигнат големината на исечените, ќе поминат неколку децении.
„Сечење дрвја и кастрење продолжува на државната парцела пред хотелот ‘Инекс Олгица’, но од комисијата добивме одговор дека никој не поднел барање и немало решение за сеча. Штетата е направена, десеткувана е шумата проектирана пред скоро 70 години од страна на Драган Шојлевски, без некој да биде санкциониран и да се поведе постапка. Ова се случува периодично, а често се отстрануваат корењата и се камуфлира местото, за да се сокрие сеча“, велат од иницијативата.
Дури откако доставивме барање, потенцираат тие, од Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување дрвја на подрачјето на Општина Охрид добиле една штура информација што се планира да се кастри или сечи овој период.
„До нив било доставено барање да се исечи целиот дрворед на булеварот ‘Туристичка’ од бензиската на ‘Макпетрол’ до Мини Маркет, оној дрворед кој после наша реакција остана нечепнат. За жал, едно по едно, дрвјата на овој потег веќе се сечат. Јавноста не добива информација зошто, нити има извештај од стручно лице, за причините, непознато е дали се консултираат стручни лица од соодветната област. Не постои никаква транспарентност во целиот процес. Малкумина ќе забележат К или С на некое стебло. Доставени ни беа две решенија од 2022 година, ретроактивно, каде се наведени повеќе локации за кастрење на дрвја“, посочуваат од Охрид SOS.
Реагирајќи за сеча на неколку децениски стебла кај некогашните административни простории на „Бетон“ на булеварот „Туристичка“, наместо за посочената локација, каде што деновиве се отворила туристичка агенција, активистите велат дека добиле информација дека се планира сеча на неколку стебла малку погоре, до продавницата „Тренд“.
„Наш сограѓанин секоја седмица известува за нова сеча или кастрење, која не е наведена во оние документи кои ги добивме. Неодамна нè извести за сеча на деценски стебла на улицата ‘Јане Сандански’ во двор на зграда. Исечено било стебло пред хотелот ‘City Palace’, претходно на градскиот плоштад до видео бимот, на неколку други локации. Друг сограѓанин сподели дека неколку децениски стебла биле исечени во Извидничкиот центар во Далјан, каде се вршат градежни активности без одобрение. Искастрени се децениски стебла кај Маларична, дворовите на охридската Гимназија, детската градинка ‘Јасна Ристеска’ и основното училиште ‘Григор Прличев’. Имаше примери низ градот каде крошните на дрвјата беа премали спрема стеблата, поради честите и (веројатно) несоодветни кастрења. Нема информација дали има надзор од стручно лице за време на овие активности. Во дворот на музичкото училиште брезите откако беа искастрени не се опоравија“, забележуваат од иницијативата.
На улицата „Димитар Влахов“ посочуваат на неколку стебла кои се исушени, од новите посадени пред неколку години. На „Туристичка“, пак, велат тие, има примери на уништени млади ластари а многу позиции каде што имало дрво, во дрворедите, стојат празни со децении.
„Недостигаат дрвја каде се граделе згради, исто така на булеварот, но никогаш не е извршено садење нови садници. Има прекини во дрворедите. Пред неколку години, дури откако реагиравме, на булеварот, кај хотелот ‘Дончо’, од двете страни накнадно беа отворени дупки во асфалтот и засадени нови дрвја. Немаме увид дали се врши редовна обиколка и одржување на дрворедите, дали се засадуваат нови стебла исл. Наместо дрворед од двете страни, како што беше претходно, ‘Македонски просветители’ има нов дрворед само од едната страна, иако просторот помеѓу велосипедската патека и тротоарот е доволно широк тука да се засадат нови стебла. За оваа улица не беше испочитуван Законот за урбано зеленило, и наместо до 500 метри од локацијата каде се исекоа старите дрвја, компензациското садење се изврши на патеката за Горица“, велат од иницијативата.
Од таму потсетуваат и дека Општина Охрид нема Зелен катастар. Нема мапа достапна и на интернет каде секој ќе има увид колку дрвја и дрвореди има, каде има зелени зони и паркови, тревници.
„Сè помалку се почитува Законот за урбано зеленило, а често има и нелегални сечи, како онаа пред неколку дена кај реката Грашница. Нема санкции, нема контрола, а младите насади за да го достигнат обемот на претходните, исечените стебла, ќе треба да поминат децении. Некогашната слика на убави зелени дрвореди на пролет и на лето сега е минато, или ја има само на одредени сегменти од некои улици. Институциите делуваат како и досега. Граѓаните стравуваат, нашиот сограѓанин спомна дека имало некаква намера да се исечат сите дрвја помеѓу двете воени згради на булеварот ‘Туристичка’, кои делуваат како мини парк. Локалните медиуми не отвараат јавна дебата за овој проблем“, стои во реакцијата на Охрид SOS.