Охрид СОС: При отстранување на дивоградбите се уништува литеталот на крајбрежјето

Откако Општина Охрид пред два дена продолжи со отстранувањето на бесправните градби на охридското крајбрежје, од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагираат дека платформите се отстрануваат со булдожери кои биле во самото езеро, посочувајќи дека „буквално се ора во литоралот“, односно плиткиот дел на езерските води.

Од „Охрид СОС“ истакнуваат дека литералот е исклучително важен за екосистемот, бидејќи, како што додаваат, во него е застапен највисок степен на биолошка разновидност.

АВТОХТОН АМАТЕРИЗАМ

Деновиве во уште една медиумска кампања, Општина Охрид, по третпат во 3 години, почна да отстранува…

Posted by Охрид SOS on Friday, May 7, 2021

 

„Литоралот е клучен за мрестење на рибите и тоа особено во овој период од годината и токму во тој дел каде што се отстрануваат платформите, каде што се мрестат кленот, крапот, мрената, плашицата. Конструкции на самиот брег, изградба на трајни објекти, уништување на трската, сето тоа придонесува за уништување на крајбрежната функционалност на езерото. Тоа значи, уништување на можноста брегот да ја врши својата еколошка функција во водната целина или накратко – езерото да биде езеро. Како резултат на тоа, на македонската страна од Охридско Езеро, сега, само 28 % од брегот се со задоволителен еколошки статус“, се додава во нивната објава.

Во меѓувреме, тие истакнуваат дека ваквата акција покажала дека општината и понатаму, како што велат, нема план за справување со нелегалните градби.

„А што е најфрапантно – нема знаење дека за секое чепкање во езерото е потребна стручна проценка! Дали Општината има подготвено елаборат за отстранување на плажите? Дали Општината консултира експерти од Хидробиолошкиот завод за тоа како треба да ги отстранува платформите? Одговорот е повеќе од очигледен“, додаваат тие.

Инаку, пред два дена на потегот од хотелот „Метропол“ до селото Пештани продолжи активностите за отстранување на бесправните објекти на плажите. Изминатиот период пак, беа отстранети и платформи на угостителски објекти од месноста Ј’но до населбата Канео, како и бесправни објекти во населбата Свети Стефан.

Општина Охрид продолжи со отстранување на бесправните градби на плажите на крајбрежјето