Од Охрид СОС вчера соопштија за разлевање на непозната материја во водите на изворите кај Свети Наум, информација која ја добиле преку фотографии од терен.
Оттаму велат дека добиле фотографии од еден од објектите кои се наоѓаат кај изворите, при што Здружението побарало спроведување на итен инспекциски надзор од соодветните служби во Општина Охрид во објектите на островото, во изворите кај Свети Наум.
Реакција била упатена и до ЈУНП Галичица, со оглед дека Острово е строго заштитена зона на паркот.
„Имајќи предвид дека се работи за жариште на биолошка разновидност, побаравме преземање итни предострожни мерки и тоа – сите дејности да бидат веднаш запрени. Трпи живиот свет, трпат оние локалитети кои се најчисти и скоро нечепнати. Националниот парк треба многу подобро да се справува со овие девијации Од Центарот за јавно здравје побаравме да земат примероци на водата од локацијата за испитување. Нè известија дека во текот на денешниов ден ќе го сторат тоа“, истакнуваат од Охрид СОС.
Од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека вчера, на 15 јуни бил извршен вонреден инспекциски надзор во Друштво за угостителство трговија и услуги ОСТРОВО Б.Д.Б. увоз-извоз Охрид ДООЕЛ св.Наум-Охрид, во присуство на овластен инспектор за животна средина од општина Охрид.
„Надзорот е реализиран по добиена претставка по електронски пат со фотографија дека од објектите кои се наоѓаат во изворското езерце има загадување на водите. При увидот е константирано дека на посочената локација од претставката нема обојување на водата како што има на сликата од претставката“, велат од инспекторатот.
Од институцијата додаваат дека во внатрешниот дел на ресторанот кој служи како магацин немало излевање на масни флеки од масло за јадење и бетонскиот дел бил сув.
Дополнително, при надзорот од страна на претставникот на субјектот било изјавено дека водоснабдувањето и одведувањето на отпадните води е регулирано од страна на Манастирот Св.Наум.