Додека трае постапката за прогласување на Студенчишко Блато за парк за природата, од Охрид SOS велат дека се чини како да се спроведува сосема спротивното, на терен.
„Изминатиов период Министерство за животна средина и Влада на сите страни се фалеа за овој процес, а најави за заштита имаше и во програмата на Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид. Неколку фотографии покажуваат дека за потребите на монтажен угостителски објект се узурпира дел од блатото, односно се прави тампон за да се поплочи тој простор. Каде ќе се вливаат отпадните води од објектот? Дали, и врз која основа, Општина Охрид издала одобрение за ваков објект на ваква локација?“, се вели во вчерашната реакцијата на Охрид SOS, кои објавија и фотографии.
Активистите прашуваат зарем заборавиле локалните власти на Решението за привремена заштита на Студенчишко Блато, објавено во Службен весник страница 34, број 164 од 19 јули 2021 година.
„Во член 3, прецизно е наведено дека нема да се споведува, меѓу другото и ‘изработка и донесување на урбанистички проекти за партерно уредување на просторот’ како и ‘доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите за градежно земјиште’. Како може да се очекува Општина Охрид да биде совесен управител на Студенчишко Блато (како што е предложено во нацрт законот за Студенчишко Блато), кога тие не можат да спроведат и една одлука на влада. Бараме итно спроведување на решението за привремена заштита и отстранување и на објектот и на поплочениот дел. Ги повикуваме да реагираат и Државен инспекторат за животна средина“, велат активистите од Oхрид SOS.
Тие дополнително прашуваат „до кога ќе се лажат Рамсар, УНЕСКО, Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN), Друштвото на научници за блатните екосистеми (SWS) и Делегацијата на ЕУ?“.
„До кога ќе се толерира и прави спротивното на она за што сте се заложиле? За потребите на угостителските објекти на тој потег дел од блатото бесправно се исуши и тампонира за паркинг. Никој не одговараше. Патеката се направи без консултации со стручни лица, и покрај нашето инсистирање, се прекина врската меѓу блатото и езерото. Заради нечии интереси, Расадникот се пренесе во блатото, повторно без да се консултира ниедна стручна институција. Се депонираше градежен шут од голем број објекти, директно во блатото. Се сечеа децениски стебла. Сè помалку природа на тој потег“, се вели во реакцијата на Охрид SOS.