„Жители на Белчишта споделија со нас повеќе фотографии од локација во селото, каде општински служби секој втор ден ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата директно во реката која е притока на река матица од Сини Вирој, која се влива во Сатеска па оттука и во Охридското Езеро“, реагира иницијативата Охрид СОС.
Според информациите кои ги добиле активистите, повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел екосистем во блатото се загадува, а за ова, тврдат тие, никаде не се информира.
„Жителите реагираат и дека Зоран Ногачески – градоначалникот на Дебрца, ветувал дека ќе го среди овој проблем, но сега ништо не се презема“, посочуваат од Охрид СОС.
Како што нагласуваат, Белчишко Блато е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, познати како „Сини Вироj“, вистински бисер на природата.
„Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Понатаму, Белчишко Блато е дел од Националната мрежа Емералд на Република Македонија“, потсетуваат активистите.
Исто така, велат дека Блатото е реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот.
„Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото Блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 км2“, се вели во реакцијата на Охрид СОС.
Фото: Охрид СОС / Фејсбук