Здружението Охрид SOS испрати јавна реакција за Охридскиот УНЕСКО регион, по повод вчерашната одлука на Комитетот за светско наследство на 43-та Седница во Баку, Азербејџан.
Во продолжение, нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Македонската влада во Баку ја жртвува можноста за меѓународна помош за спас на Охридскиот УНЕСКО Регион
Македонската влада на 43-та седница на Комитетот за светско наследство во Баку, Азербејџан не го спаси Охридскиот Регион од Листата на светско наследство во опасност. Не отиде за тоа, туку за да се спаси себе си и интересите на оние кои треба непречено да профитираат за сметка на националното богатство.
На 43-та седница, Комитетот за светско наследство требаше да ја разгледа нацрт-одлуката на Центарот за светско наследство од 21 мај годинава во која беше донесена предлог-одлука Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Центарот „констатира со загриженост дека е направен мал напредок во исполнување на итните барања и препораки на Комитетот од 2017г. вклучително и одлагање на клучните точки“ што води до непоправливи трансформации на природното и културното наследство и сериозно ја еродира неговата икслучителната универзална вредност како добро на светско наследство. Центарот за светско наследство со своите советодавни тела ИУЦН и ИКОМОС се постојани тела на УНЕСКО, тие работат на континуирано следење на состојбата во подрачјата на УНЕСКО. На сесијата во Баку, трите институции беа со ист заклучок. Центарот „препорач(ув)а итно впишување на Листата на светско наследство во опасност и што е можно поскоро изработка на група корективни мерки“. ИКОМОС оцени дека „во отсуство на соодветно управување и заштита“ состојбата е ранлива и го даде истиот предлог. ИУЦН заклучи дека „многубројните закани во комбинација со континуиран недостаток на неопходнен систем на управување, процеси и плански документи во комбинација со големи инфтраструктурни проекти претставуваат јасен случај на добро во опасност.“ Мислењето за албанската страна на Езерото чија номинација беше поднесена годинава, беше подеднакво неповолно.
И покрај сè, Комитетот донесе политичка одлука да не го стави Охридскиот Регион на листата на загрозени УНЕСКО добра и наместо тоа, да расправа за регионот повторно на следната сесија во 2020г. што сега ќе се однесува и на регионот во Албанија. Бидејќи Комитетот не е стручно тело, тој ниту следи, ниту анализира, туку заседава 10 дена и одлучува – секоја делегација според своите интереси. Така, делегатите одлучија да пречкртаат параграфи од извештајот на Центарот за состојбата да изгледа подобра одошто е. Делегатите кои се обратија, како да учеле од исто ливче, го поддржаа „напредокот“ што македонската влада го постигнала до сега и се подрржуваа меѓу себе во поддржувањето на македонската влада. Под влијание на лобирањето на македонската влада во паника, се погрижиле сè што е суштински важно од извештајот на Центарот, да го отстранат. По иницијатива на делегациите на Бразил, Кина, Унгарија и Босна и Херцеговина беа направени неколку интервенции на разубавување, а параграфот 8 кој децидно ги наведува критичните и исклучително сериозни закани по регионот, беше сосема избришан.
Избришаниот Параграф 8. „Исто така, (Комитетот) со загриженост забележува дека доброто и понатаму се соочува сo несоодветен инфраструктурен развој, прекумерен и несоодветен урбан развој и искористување на крајбрежјето, зголемено загадување, уништување и фрагментација на живеалиштата, значителен притисок од туризмот, распространет и некотролиран урбан развој и несоодветна експлоатација на крајбрежната зона, што претставува закана по природните и културните вредности на доброто.“
Бидејќи на странските делегати не им е гајле дали Македонија ќе го запусти своето највредно природно богатство, дека фекалии ќе продолжат да пливаат во најстарото езеро на Европа, дека нашите деца ќе го гледаат бисерот како се претвора во жабокречина. Тие се политичари кои од својата позиција како членови на Комитетот одлучиле да зграбат придобивки за својата, не за нашата држава. А, оваа влада, за себе.
Македонската влада сега треба да даде отчет со што ги „купи“ гласовите на делегатите, и што ќе треба да даде за возврат бидејќи сигурно не ги придоби со покажаниот ангажман за унапредување на регионот. Па тие, само што си ги изброија незаконските градби пред тргнување за Баку откако конечно, на 21 мај разбраа дека состојбата на регионот е критична. Згора на тоа, крајно загрижувачки, од коментарите на некои од делегатите како и обраќањето на претставникот на македонската делегација, може да се идентификуваат искази кои не кореспондираат со реалноста:
- Законот за управување со Охридксиот Регион е усвоен. Погрешна претстава.
Законот сè уште не е пратен на собраниска расправа, односно не е во сила.
- Воспоставен е контролиран сообраќаен режим во Старото гадско јадро. Неточно.
Освен минатогодишниот обид од неколку месеци, сè до пред неколу дена и на двете влезни локации немаше рампи и сообраќајот се одвиваше без контрола.
- Водостојот на Охридското Езеро е под мониторинг и се одржува. Неточно.
Како резултат на невоспоставен систем на контрола, минатата зима во неколку дена изумреа 5-600 кг. плашица во каналот Стденчишта. Податоците за водостојот на ЕЛЕМ и УХМР не се идентични.
- Одржана е јавна расправа за СОЖС по Планот за управување со Охридскиот Регион. Неточно.
Подготвителната информативна консултација по СОЖС која беше закажана за 27.05.2019 беше откажана по објавувањето на извештајот на Центарот.
- Според новопредложениот параграф 8 од страна на делегатите „(Комитетот) изразува задоволство од активностите на државата членка во однос на долгорочните проекти како што е колекторксиот систем“. Погрешна претстава.
Во реалност, единствена преземена акција е формирањето на јавно претпријатие во декември 2018 кое до сега нема никаква активност.
Параграфите 8, 9 и 11 ги нема, но заклучоците на ИУЦН, ИКОМОС и Центарот за светско наследство остануваат. Тоа се суровите факти за состојбата на Охридскиот Регион. И додека за нивниот извештај се потребни години на мониторинг и експертска анализа, за членовите на комитетот, воглавно дипломатски претставници кои заседаваат еднаш годишно, едноставно да го избришат параграфот во кој се наведувааат клучните закани, беа потребни малку лобирање и ветувања од македонската влада.
Впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност требаше да се зграби како огромна шанса, можност да се добие меѓународна помош, да се преземат ригорозни корективни мерки, земјата да добие на располагање стручњаци од светски ранг во областа на заштитата на природното и културното наследство, па дури и да се искористи и финансиска поддршка. Колку само полесно ќе беше да се бара помош за обнова на колекторот кога финасиерот знае дека спасува бесценето природно богатство. Исто така, впишувањето на листата во опасност ќе беше повеќе од потребното алиби за власта конечно да се справи со урбаната мафија и да фати нов курс за одржливо управување на Охридскиот Регион.
Но, за тоа требаше влада која навистина не само што се грижи, туку ја разбира вредноста на тоа што го управува. Македонската влада ја прокоцка шансата да обезбеди итна интервенција за Охридското Езеро и регионот. Претходната влада покажа непочитување кон Конвенцијата за светско наследство кога дозволи регионот да дојде до реактивен мониторинг во 2017. Оваа влада покажа подеднакво непочитување кога со неточни и извештаи кои требаше да ја затскријат реалната состојба на регионот си дозволи обид да го прелаже Центарот за светско наследство. Во Баку демонстрира уште едно непочитување на оваа престижна конвенција на УНЕСКО со тоа што се обиде да манипулира на слабостите на Комитетот. Си купи време да продолжи да работи како и до сега. Она што не успеа да го сработи за 24, сега треба да го сработи за 8 месеци. А, во меѓувреме секако, ќе се посвети на лобирање за следната година.
Граѓаните на Македонија останува да продолжат да ја сведочат прогресивната деградација на природното и културното наследство на регионот и доколку не го дигнат својот глас погласно од висините на Галичца и длабочините на Езерото, Охридскиот Регион ќе го препуштат во рацете на оние кои го доведоа до ова дереџе“, стои во соопштението на Охрид SOS.