Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот на УНЕСКО, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.
Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која како што велат е директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.
„За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето, итн.“ – се вели во апелот до Комитетот.
Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.
„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“ – е ставот на Фронт 21/42.
Апелот доаѓа непосредно пред денешната сесија на седницата на УНЕСКО, на која ќе се зборува за Охридскиот Регион. Годинава, УНЕСКО до 31 јули заседава во Фуџоу, Кина. Се разгледуваат 202 од вкупно 1121 УНЕСКО добра во светот. За седум, меѓу кои и Охридскиот Регион ќе се одлучува за ставање на Листата на светско наследство во опасност, а две се соочуваат со комплетно бришење од листата на светско наследство.
Апелот го потпишаа следниве организации:
Фронт 21/42, Охрид СОС, Факултет за Шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Иниститут за комуникациски студии, Новинари за човекови права, О2 Иницијатива, Гоу Грин Скопје, Го Сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Организација на потрошувачи Кочани, ЕД Вила Зора, Балканска Водна мрежа, Скриениот херој во секое дете, Еко-Живот Кавадарци, Рурална Коалиција, Планетум – Струмица, Грин.орг Кочани, Здрава Котлина -Струмица и Добра Земја – задруга за органска храна, Albanian Centre for Environmental Governance – A.C.E.G, Eco Albania, UJA Center, Albanian, Ornithological Society (AOS), The Resource Environmental Center Albania, Organizata ILIRIA, Tirana, Protection and Preservation of Natural Environment in Albania (PPNEA), Shoqata për Ruajtjen dhe Mbrojtjen e Mjedisit Natyror –Vlorë, “Friends of Korca” Association, Albanian Network for Rural Development – ANRD, Qendra e Informacionit Aarhus Shkodër, Instituti për Ruajtjen e Natyrës në Shqipëri – INCA, Observator, Tirana, Cesvi, Vjosa Explorer.