Охридскиот чинар ќе стане споменик на природата и туристичка атракција

Чинарот во Охрид стар 11 века ќе биде прогласен за споменик на природата. Предлог-одлуката беше прифатена од Советот на Општина Охрид без расправа, врз основа на елаборатот за заштита на дрвото изготвен од Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ кои предложија чинарот да влезе во туристичката понуда на Охрид. Истовремено се предложени и низа мерки за негова заштита и реставрација, што би чинела 15.000 евра за една година.

Одлуката на Советот на град Охрид е испратена и до Министерството за животна средина, кои со акт треба да го направат прогласувањето на споменик на природата. Планирано е проектот да се прошири и во иднина да опфати шест чинари во градот, како и познатиот кочеџик кај црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Чинарот, како и некои други дрвја во Охрид, се прогласени за природно наследство, според закон од 1973 година и треба да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата. Дрвото е во лоша состојба по снежното невреме во 2002 година по што поради недостиг на финансии, делумно е направена заштита на чинарот.