Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид отвора изложба на експонати од својата ризница, наменета за лицата со оштетен вид.
Станува збор за активности во рамки на проектот „Допри ја културата – почувствувај ја уметноста“, што се реализирааат во соработка со шведската организација „Културно наследство без граници“, а со финансиска поддршка од грчката фондација „Ставрос Ниаркос“.
Изложбената поставка што ќе биде поместена во просториите на Куќата на Робевци претставува обид на заедницата да се овозможи подобар пристап и вклученост на лицата со оштетен вид и слепите лица до просториите со музејски збирки и експонати во Охрид.
Во проектот се вклучени Здружението на слепи лица од Охрид, како и волонтери кои во текот на изминатиот период заедно со музејските работници од Охрид поминаа специјална обука за таква намена.
Според најавите од охридскиот Завод и музеј, изложбата претставува почеток на серија наменски активности што ќе им овозможат и слепите лица да бидат дел од културните збиднувања во градот што ги организира националната установа.