Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 44 сесија, која се одржи во Фуџу, Кина, донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот.
„Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“, изјавила министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.
Министерката Стефоска порачува дека оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.
Во своето обраќање на денешната сесија на Комитетот на УНЕСКО, министерот за животна средина Насер Нуредини истакнал благодарност до Комитетот на УНЕСКО што ги препознал напорите и го одобрил предложениот амандман за дополнителен рок. Тој се заблагодарил и до земјите кои ги препознале заложбите, но и на Австралија и Норвешка за
за континуираните пријателски совети и поддршка.
„Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација“, изјавил Нуредини.
Тој ги поканил приватниот сектор, локалната самоуправа исите граѓански организации да соработуваат и да го дадат својот придонес кон заштитата на езерото и целиот регион.
Во петокот, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го одложи гласањето за статусот на Охридскиот регион поради немање консензус помеѓу делегациите за тоа дали оваа локација треба да се најде на листата на светско наследство во опасност.
Усвојувањето на предлог-одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои на Северна Македонија и Албанија треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките од УНЕСКО, пред да биде одлучено дали локацијата ќе биде ставена на листата на светско наследство во опасност. Со амандманите исто така делумно се ублажуваат критиките во текстот на одлуката.
Комитетот на УНЕСКО не се договори дали Охридскиот регион да стане светско наследство во опасност