Министерството за животна средина информира дека Охридско Езеро и Студенчишко Блато ќе бидат дел од Светската Рамсар листа.
Досега на неа се најдоа и Преспанското и Дојранското Езеро, а сега државата го добива третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно значење, заведено под бр.2449.
Подрачјето е прифатено согласно сите 9 критериуми на Рамсарска Конвенција и е со вкупна површина од 25 205 хектари. Со него ќе се управува од страна на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца.
,,Впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Светска Рамсарската листа значи меѓународно признавање и препознавање на специфичниот и богатиот биодиверзитет и ендемичните и ретки видови како и присуство на голем број на живеалишта и видови од национално и ЕУ значење на ова подрачје. Од друга страна, тоа води кон негово помудро и поодговорно управување, подобрување на еколошкиот карактер на подрачјето и заштита на видовите и живеалиштата, поттикнување на научно истражувачки дејности и меѓународна соработка, што секако ќе го зголеми публицитетот и вреднувањето на подрачјето, ќе ја зголеми понудата за еко туризмот во регионот, а со тоа ќе се отвораат и поголеми можности за социо-економски развој и за финансирање”, велат од министерството.
Оттаму им се заблагодарија на придонесот на сите национални експерти, на Македонскиот Рамсарски секретаријат, на граѓанската иницијатива СОС Охрид и НВО Фронт 21/24 за поднесената иницијатива, како и поддршка на процесот за изработка на апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар место.
Северна Македонија ја ратификуваше Рамсарската Конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година.